Од шестиот Форум на граѓанското општество на Западен Балкан што во организација на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) се одржа на 10 и 11 јули во Сараево, произлезе и финалната Декларација за оценките и препораките за односите меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан.
Околу 100 учесници и претставници на граѓанското општество од ЕУ и Западен Балкан, како и претставници на институциите на ЕУ, меѓународните организации и владите во регионот, го поздравија напредокот што поголемиот дел од земјите од регионот го оствариле во однос на пристапувањето кон ЕУ, од последниот форум кој се одржа во Белград, во јуни 2015 година.
На Форумот беше истакната клучната улога на граѓанското општество како движечка сила за промени во општеството.
На Форумот пред две години во Белград, беше препознаена важноста на настаните и процесите во Република Македонија и, врз основа на сугестиите на ЦИВИЛ во тоа време, Македонија беше присутна во две ставки во Декларацијата.
И оваа година, ЕЕСК ги следи процесите во Македонија со големо внимание и ја вклучува нашата земја речиси на самиот почеток. На Форумот во Сараево, во повеќе наврати се констатира дека се создадени услови за демократски реформи во Македонија.
„Учесниците го изразуваат своето задоволство бидејќи, се чини, дека долготрајната политичка криза во Македонија е во мирување и бараат од Советот, штом се исполнат условите, да се следат препораките на Европската комисија за отпочнување на преговорите со земјата“, стои во Декларацијата.
Покрај оценки и препораки за односите меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан, декларацијата содржи и препораки во однос на улогата на социјалните партнери и на другите организации од граѓанското општество во промоцијата на одржлив раст и вработување, улогата на граѓанското општество во миграциите на Западен Балкан, слободата на изразување и медиумите, како и унапредување на жените и нивните права.
Финалната Декларација ќе биде проследена до владите на сите земји од регионот, европските институции, Советот за регионална соработка, Меѓународната организација за труд и Советот на Европа.