Петрит Сарачини, новинар и аналитичар, во изјава за ЦивилМедиа, оцени дека во првите 100 ДЕНА ВЛАДА, нема конкретен напредок во ниту еден од трите приоритети во изборната програма.
„За жал, во првите 100 дена новата Владата не оствари конкретен напредок во ниту еден од трите приоритети на нејзината програма – владеењето на правото и борбата против корупцијата, економијата и евроинтеграциите. Напротив, она што го гледаме е застој и влошување, на речиси сите полиња“, оценува Сарачини во изјавата за ЦивилМедиа.
Тој вели дека е загрижувачки тоа што новата Влада нè оддалечи од членството во ЕУ и предизвикува етничка поларизација.
„Она што најмногу загрижува е тоа што новата Влада преку својата комуникација и постапки ‘успеа’ да нè оддалечи од членството во ЕУ и да отвори повеќе теми со кои придонесе за продлабочување на етничката поларизација во земјата, како темите за наводна дестабилизација на државата, ‘балансерот’, закон за јазици, итн.“, изјави Сарачини.
Според нашиот соговорник, власта се обидува да наметне впечаток дека има резултати, но од тоа остануваат само изговори.
„Видливо е тоа дека власта се обидува, преку силно медиумско присуство, да наметне впечаток дека има резултати, но во нејзините комуникации најчесто гледаме изговори и оправдувања за неостварување на големите ветувања дадени за време на изборната кампања, обиди вината за неуспесите да се префрли на некој друг, реторика на конфронтација со политичките противници и неистомислениците, недостаток на општествен и јавен дијалог за прашања важни за јавниот интерес и видливо намалување на транспарентноста на институциите“, изјави Сарачини за ЦивилМедиа.
Џ. Д.