Иако според членот 22 од Законот за Специјално јавно обвинителство, утре (30 јуни) изминува законскиот рок за негово функционирање, Обвинителство ќе ги продолжи сите покренати истраги. На пладневната прес-конференција, специјалната обвинителка, Катица Јанева изјави дека СЈО ја констатира потребата од натамошно продолжување на истрагата за случајот „Талир“ (незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ) и најави нови активности.
„Предметот познат под името ‘Талир’, којшто го истражува незаконското работење на една политичка партија во Република Македонија е отворен пред еден месец. Беа преземени огромни број дејства, но временските рокови не дозволија преземање на истражни дејства, коишто би овозможиле да заврши истражната постапка, затоа има потреба од натамошно продолжување на истрагата“, рече Јанева на прес- конференцијата во просториите на СЈО, која штотуку заврши.
За досегашното функционирање на СЈО и покрернатите истраги, Јанева децидно изјави: „Убедени сме дека обвинетите ги имаат сторено кривичните дела кои што им се ставаат на товар. Денешниот ден, ниту 30 јуни, ниту 1 јули, не менува ништо, ова Обвинителство, има капацитет и ќе продолжи во законски постапки за остварување на кривичната правда, а сторителите на кривичните дела, нема да останат неказнети“, порача Јанева.
Обвиненијата се спакувани во кутии и денеска, ден пред истек на законскиот рок во кој тимот на Јанева може да покрене обвиненија пред судот, ќе бидат испратени во Кривичниот суд.
Иако Законот за СЈО беше донесен на 15 септември 2015, Специјалното обвинителство реално работи само 10 месеци.
М. Талеска