ВЕСТ НА ДЕНОТ: Дачијан Чолош: Со валкана изборна кампања, губитници ќе бидат и граѓаните и државата
„Независно од резултатите од изборите, на Северна Македонија ќе ѝ треба силно мнозинство во Собранието, за да ги спроведе реформите кои се потребни и за народот, но и со цел да успее во процесот на пристапување во Европската Унија“, изјави денеска лидерот на парламентарната група Обновена Европа во Европскиот парламент, Дачијан Чолош на заедничка прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски.
„Ако реторикатa отиде во валкана насока, губитници ќе бидат граѓаните на Северна Македонија, но и самата држава. Затоа сметаме дека е важно и медиумите да создадат атмосфера и рамка за една дебата за тоа што политичарите и политичките партии сакаат за Северна Македонија во иднина“, истакна Чолош одговарајќи на новинарско прашање околу текот на изборната кампања.
Тој нагласи дека на Северна Македонија ѝ се потребни реформи и ако некои политички субјекти ја користат кампањата само за да напаѓаат без да нудат конкретни решенија, тогаш губитници ќе бидат сите, вклучително и ЕУ. Чолош порача дека сите политички партии треба да се издигнат на висината на сопствената одговорност во изборниот процес и да покажат нов начин на водење на изборната кампања со вредности прифатливи за граѓаните.
БЛИЦ: Никој не е поубав ако на некој му каже дека е грд!
Дехран Муратов: Прво нешто што ми падна на ум е тоа колку мајки (родители) кај нас секој ден ги гледаат нивните деца како плачат, се затвораат во соба или се повлекуваат во себе и со никого не комуницираат.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Пировска: Овие избори ќе се соочиме со голем број црни кампањи и говор на омраза
„Јас верувам дека, за жал, во овој предизборен и изборен процес ние ќе се соочиме со многу црни кампањи, ќе се соочуваме со голем број случаи на говор на омраза. Јас се надевам дека правосудните органи во процесов ќе покажат поголема агилност, затоа што навистина говорот на омраза може да доведе до сериозни кривични дела понатаму“, истакна Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ: Кој, како и зошто треба да одлучува за платеното политичко рекламирање
Нешто не штима во целата организација и начинот на кој се направени измените за платеното политичко рекламирање. Први реагираа телевизиите. Според нив, цената не смее да се ограничува. Според граѓанскиот сектор – независно од начинот на определба на цените за платено политичко рекламирање, парите не смеат да се одвојуваат од буџетот на граѓаните.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО:
Заев: За првпат очекувам предизборна коалиција со партии од албанскиот блок
“Со ДУИ ги решивме крупните прашања во Владата, а ние сме единствена партија која има лепеза на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Коалициите ќе бидат задржани и малку проширени, а тоа нема да биде подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ. Тоа ни дава за право да бидеме фаворити на овие избори. Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти. Лично сум задоволен од преговорите, затоа што зборуваме за вредности, за програми, за давање збор, нешто што мора да нè спои, како и за преземање одговорност и во парламентарната и во извршната власт“, изјави Зоран Заев кој денеска беше во посета на Виница
На денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска уште еднаш ги изрази сомнежите дека ВМРО-ДПМНЕ со црни пари финансира партиски мегафони со цел да шират антидржавна медиумска кампања – кампања против членството на Република Северна Македонија во НАТО.
„Факт е дека постои истражување според коешто сума од два и пол милиони евра завршила во телевизија Алфа и во три интернет портали Курир, Лидер и Нетпрес, сите познати по ширењето лажни вести и манипулации. Факт е дека тоа се истите медиуми коишто режимот на Груевски со години ги финансираше со државни пари за да го одржуваат на власт“, истакна Кузеска.
Села и Гаши ја официјализираа коалицијата под слоганот „Една држава за сите”
Политичките лидери на Алијансата за Албанците и Алтернатива , Зијадин Села и Африм Гаши и официјално денеска го потпишаа договорот за коалиција на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Лидерите на двете партии кажаа дека слоганот на нивната коалиција ќе биде „Една држава за сите”. Лидерот на Алијансата за Албанците, во своето излагање посочи дека оваа е момент на емоции, затоа што постојано „има сили кој без прекин работат против нивната коалиција“.
Шпанскиот конгрес на 27 февруари ќе гласа за членство на Северна Македонија во НАТО
Според дневниот ред објавен на официјалната веб-страница, пратениците во шпанскиот парламент, наредниот четврток, на 27 февруари, ќе одлучуваат за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Комитетот на надворешни работи дал позитивно мислење, по што претседателката на Конгресот веднаш ја ставила оваа точка за првата наредна сесија на Долниот дом. Со чинот на гласање во Конгресот, завршува првата фаза од постапката предвидена со тамошното законодавство. Следува иста процедура и во Горниот дом, Сенатот. Протоколот ќе го разгледуваат сенаторите кои членуваат во Комитетот за надворешни работи, по што за него треба да се гласа на пленарна сесија. Целата постапка се очекува официјално да заврши во март со што Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТА Алијансата.
Спасовски: Со закон се утврдува важноста на пасошите, Владата не може да менува законски текст
„Законот за патни исправи утврдува колкава е важноста на секоја исправа и со одлука на Влада не може да се промени законскиот текст“, посочи денеска премиерот Оливер Спасовски, кој рече дека воопшто не е проблем да свика владина седница за пасошите и оти се бараат решенија, но повтори дека во целата ситуација најважен е менаџментот.
„Има две можни решенија за проблемот со недостиг на обрасци за пасошите за граѓаните- едното е разговор со фирмата, која е добавувач да го направи тоа што е можно побрзо и на начин на кој ќе придонесе целата оваа работа да се преброди во целиот период, а тоа мора да оди заедно со менаџирање на состојбите внатре. За второто решение, тука воопшто не е проблем свикување седница на Владата, проблемот е што законот за патни исправи утврдува колкава е важноста на секоја исправа и со одлука на Влада не може да се промени законскиот текст. Тука е клучна анализата што Владата ја прави, направени се консултации со клучните партнери, со Фронтекс и во целиот овој процес очекуваме да се најде решение кое ќе помогне, но менаџментот е број еден “, нагласи Спасовски.
СЛОБОДНА ЗОНА
Ќе го растргнат од реакции. Шалтерите спуштени, нема обрасци, нема пасоши. Се мачи во објаснувања, пелтечи нешто те до март, те до април, те претходникот бил виновен, те германската фирма нешто зезнала, па комисија ќе решавала, па лекар ангажирале – од корнер Зоран Иванов со Ќотек од чалам за техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Што стана со архитектонските архи-бригади кои и ќотек јадеа спротивставувајќи му се на урбанистичкото лудило на Груевски? Каде се помладите професори, колеги на Грчев, асистентите, студентите од неколкуте градежни и архитектонски факултети, невладините здруженија, да го кренат својот глас? Што стана со стотици од оние со кои го „гушкавме“ ГТЦ? Со илјадниците кои, во едно многу зло време, со голем личен ризик, но и со оптимистички насмевки на лицата, знаеја и на дожд и на студ и пред густи полициски кордони да се спротивстават на социјалното инженерство со кое Груевски сакаше да ни го „кастрира“ животот во сите сфери на нивниот болен проект?, прашува Сашо Орданоски во денешната колумна „Којзнае дали и Мајка Тереза би можела да ни помогне?“
Биљана Јордановска
во соработка со Дехран Муратов и Дијана Тахири