ВЕСТ НА ДЕНОТ
Без автор, со агенда: Јахта-пропаганда и предизборен спин на Плусинфо
Последниот „медиумски манипулативен хит“ на Плусинфо насловен: ФИЛИПЧЕ И ЗАЕВ СИ ГИ ЛАДАТ НА ЈАХТА НА ХАЛКИДИКИ Венко тренира да го џитне сидрото да влече напред на локалните избори, каде што се објавени фотографии од поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, актуелниот претседател на опозициската СДСМ, Венко Филипче и кандидатот за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски, е класичен пример за нарачана пропаганда маскирана како вест. Без автор, без потпис кој е фоторепортерот, без одговорност – а тоа отвора прашања: кој го пишува овој текст и во чие име?
Последниот медиумски напис за наводната „луксузна дружба“ во Халкидики е уште еден пример како сензационализмот и манипулативните наративи се користат за политичка дискредитација во пресрет на локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври и (2 ноември втор круг). Текстот има јасна цел да ги прикаже кандидатите на СДСМ како незаинтересирани, елитистички и оддалечени од реалните проблеми на граѓаните – што е класична стратегија во предизборна борба.
Со реакција веднаш се јавија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека фотографијата што ја објавија медиумите, а на која се гледа како актуелниот и поранешниот лидер на СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев, уживаат на јахта во Грција, го покажува целиот раскош и раскалашеност на СДСМ и нивното раководство.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
-Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде разумна и праведна. Не може некој кој од заседа кукавички одземал животи и убивал припадници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, тоа не може да биде праведна и чесна војна, барем не во Мекедонија, не коментирам за соседството. Но, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно Законот за правична застапеност кој е во Венцијанската комсиија, тој е затворен, изјави Мицкоски.
РЕГИОН
Русија во „офанзива“ за спасување на мандатот на Додик
Се започна со реакцијата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, продолжи со невообичаено остра изјава од руската амбасада во Сараево, а засега резултираше со итни консултации во Советот за безбедност на Обединетите нации, пишува РСЕ, за случувањата по одземанњето на мандатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
На Додик му беше одземен мандатот како претседател на РС, откако беше законски осуден на една година затвор и му беше забрането да извршува јавни политички функции во следните шест години, поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ.
СВЕТ
Пет новинари на Ал Џезира убиени во израелски напад во Газа
Пет новинари на Ал Џезира, вклучувајќи го и истакнатиот новинар Анас ал-Шариф, се убиени во израелски напад во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа, соопшти телевизијата, пренесува Би-би-си.
Ал-Шариф и друг дописник, Мохамед Крејкех, заедно со снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива, биле во шатор за новинари пред главната порта на болницата кога таа била нападната, објави Ал Џезира.
АЛ-ПРЕС
(ИЗБОР) Албански медиуми: Албанската влада го исклучи сигналот на News24, новинарите протестираат; Радомир Лабан – од осуденик во Србија до судија во Косово и безбедносен ризик
Во Албанија, пред три дена владата го исклучи сигналот на телевизијата „Њуз24“откако полицијата и војската слетаа во зградата каде што се наоѓаше телевизијата, не дозволувајќи им на вработените да влезат. Албанските новинари денеска протестираат и порачуваат дека затворањето на медиуми е силен аларм за демократијата, пренесоа албанските медиуми.
Судијата Радомир Лабан се најде во фокусот на јавноста, откако косовската претседателка Вјоса Османи го повлече барањето од уставниот суд за конституирање на собранието, поради сомневање за безбедносен ризик токму од страна на судијата, кој во Србија е осуденик, пипуваат косовските медиуми.
ФОРУМ
ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Дали се гласа за градоначалници или за партии?
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ – Центар за слобода ја објави експанзијата на својата клучна мониторинг-единица за дезинформации и пропаганда, со тоа што ја преименува во ТИМ НА ЦИВИЛ ЗА МОНИТОРИНГ НА ХИБРИДНИ ЗАКАНИ (на англиски: Civil Hybrid Threats Monitoring – CHTM). Одлуката ја одразува стратешката промена на организацијата кон поширок и поинтегриран пристап во справувањето со сложениот спектар на хибридни закани со кои се соочуваат Северна Македонија, Западен Балкан и Европа.
Првично насочен кон мониторинг на дезинформации и пропагандни кампањи, овој тим, сега преименуван на начин што ќе го отсликува проширениот мандат кој вклучува детекција, анализа и разобличување на дезинформации, странски операции на влијание, сајбер манипулации и напади, политичко мешање, говор на омраза и други компоненти на хибридното војување.
„Хибридните закани еволуираат, а тоа ја наметнува потребата и ние да ја следиме таа динамика,“ изјави Џабир Дерала, основач на ЦИВИЛ и главен уредник на медиумската платформа на организацијата. „Овој тим повеќе не е само за следење на лаги во медиумите. Станува збор за одбрана на демократијата во нејзината суштина. Тоа значи директно соочување со софистицираните и често координирани напади врз вистината, мирот и стабилноста.“
СЛОБОДНА ЗОНА
„Рускиот модел на употреба на хибридните закани врз Македонија е различен од оној утврдениот (видливиот) кој се употребува кон земјите на Западна Европа.
Зошто овој модел е различен, а со тоа и пристапите, односно инструментите се повеќебројни? Едноставно, затоа што Македонија покажува системска нефункционалност на институциите на системот, слаба образовна база на населението, изразена религиозност и проруски сентимент во рамките на Православната вера, економска слабост на државата, сиромаштија кај населението, опкружување, митологија во живеењето и несоодветно компарирање или глорифицирање на улогата на Русија на Балканот и посебно во историјата на Македонија, користење на старата и новата разузнавачка мрежа од Русија, како и користењето на влијанијата од Србија и Унгарија, особено во економските и политичките одлуки што е посебно изразено“, пишува Оливер Андонов во анализата РУСКИ ХИБРИДНИ ЗАКАНИ: Моделирање и пристапи (1).
*
„За разлика од многу обиди на аналитичари кои се обидуваат да се запрашаат зошто основачот од Катар се повлекува од Балканот, па не изрекува некаков суд, мое мислење е дека постои незадоволство од прифаќањето на про-арапската политика на овој простор, барем од официјалните власти. Независно од тоа што невладиниот сектор и интелектуалците во земјите на екс-Југославија мислат – да речеме – за геноцидот во Газа, и колку да е тој однос подржан и од бриселската администрација, ставовите на владите во Загреб, Скопје или Белград едноставно укажуваат дека влијанието на сликите од Ал Џезира Балканс е слабо или недоволно! Секако, секој основач има право да си направи „есап“ во вакви ситуации и да процени дека трошокот на редакцијата, иако дал резултат во јавноста (би рекле и заради програмите на другите независни медиуми) тој не станал влијателен. За тоа говори и анализата на италијанската Опсерваторија на Балканот, под наслов „Затворањето на Ал Џезира Балканс е голем удар за медиумската слобода и плурализмот во регионот“, пишува Љубомир Костовски во анализата „MРАЧЕН МЕДИУМСКИ ПЕЈСАЖ: Западниот Балкан – заспиј ако можеш (1 дел)“.
Д. Муратов