ВЕСТ НА ДЕНОТ: И со присуство на меѓународната заедница, неуспешна работна средба за Законот за Јавно обвинителство
Средбата меѓу Министерката за правда, Рената Дескоска со претставници на парламентарните групи на која требаше да се разговара за Законот за Јавно обвинителство траеше кратко и завршо неуспешно.
На средбата учествуваа и претставници од Американската амбасада и од ЕУ, како и претставници од Блупринт групата за реформи во правосудство – Неформална мрежа на граѓански организации. Од ВМРО-ДПМНЕ учествуваше пратеникот Антонио Милошоски, а присутни беа и пратеници од сите партии и независните групи. На оваа средба Дескоска го претстави предлог решението за Законот за Јавно обвинителство.
Претходно, опозицијата инсистираше на јавна расправа со присуство на експерти и меѓународната заедница. Но, Антонио Милошоски, по десетина минути од почетокот на средбата одлучи да ја напушти бидејќи му недостигал Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Дескоска на прес конференција изјави дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ, за присуство на Државниот јавен обвинител, министерката Рената Дескоска ја цени како алиби за бегање од средбата за Законот за ЈО и од правдата воопшто која треба да се донеде преку овој закон.
Со ваквиот попладневен расплет на ситуацијата, извиси барањето на Независната пратеничка група за доставување на Законот за јавно обвинителство во Собранието уште денеска.
БЛИЦ НА ДЕНОТ: Антонијо енд МВРО „шоутајм“ – избегаа од средбата за законот за јавно обвинителство
Џабир Дерала: МВРО и Антонијо не понудија разумни причини за бегството од средбата со министерката за правда, Дескоска. Одненадеж, им текнало дека на средбата не е присутен државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, па не сакале без негово присуство да ги презентираат своите забелешки на законот.
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ: Кога опозицијата не знае што сака, законот за ЈО повторно извисен
Можеби најекспонирана личност денеска беше претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој одговори на повеќе актуелни теми, пренесувајќи го својот и ставот на партијата на темите: избори, Закон за Јавно обвинителство и посетата на Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет, со кој ќе се сретне утре наутро.
„Верувам дека (Шарл Мишел) ќе може да ни даде информација повеќе во однос на тоа кога се планира усвојувањето на самата методологија, за односот на земјите членки кон самата методологија (за процесот на преговори за членство во ЕУ). Мене ми е значајно да имам потврда од претседателот на Европскиот совет дека за одлуката за проширувањето и добивањето на датумот за Република Северна Македонија ќе се одлучува паралелно, без разлика дали методологијата ќе биде готова или не, ние имаме право на паралелна одлука и очекуваме датум за почеток на преговори“, изјави Заев.
Претседателот Стево Пендаровски ќе биде домаќин на првиот човек на Европскиот совет, кој во земјава ќе допатува од Тирана. Пендаровски и Мишел попладнево ќе имаат тет-а-тет средба, а потоа ќе одржат заедничка прес-конференција. Се очекува средба со Мишел да оствари и актуелниот премиер Оливер Спасовски.
За актуелниот Закон за Јавно обвинителство, Заев, повторно, ги повика на одговорност сите политички субјекти, сите политички партии, сите пратенички групи и претставници на независните пратенички групи.
„Носењето на Законот за Јавно обвинителство ја гарантира европската иднина на државата. Тоа е европски успех и успех на правната држава. Од страна на високи претставници на ЕУ сѐ повеќе се нагласува потребата за носење на овој Закон и се поврзува со датумот за отпочнување на преговори со Унијата… Особено, ја повикувам опозицијата да се надмине себеси и со прифаќање на законското решение за јавното обвинителство, да докаже дека е против криминалот и дека е за владеење на правото“, категоричен е Заев.
Не изостанаа ни прашањата за изборите. Заев изјави дека „уште е рано да се носат одлуки за пратенички листи и нивни носители“. Постапката во СДСМ почнува на 30 јануари, а листите се поднесуваат до 17 март.
Две кривични пријави денеска беа поднесени за двајца познати ликови во македонската јавност. Општина Битола поднесе кривична пријава за поранешниот градоначалник Владимир Талески, додека пак, обвинение за семејно насилство и закани доби Емил Јакимовски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што соопштија од Општина Битола, Талески се товари за злоупотреба на службената положба при донесувањето акт за легализација на Планинарскиот дом „Копанки“ која според локалната власт е незаконита. А, Емил Јакимовски поради закани за убиство.
„Во Република Северна Македонија повеќе се извезува отколку што се увезува отпад“, изјави денеска заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, по информациите колку отпад всушност се увезува (7 милиони тони). Кога станува збор за опасниот отпад, како што рече, ако се погледнат годините 2012, 2014, 2015, 2016 станува збор за огромни количини увезен отпад. Повтори дека во 2015 и 2016 година бил без работа и додаде оти не може да знае каде завршило нешто.
Она што изненади е падот од 13 места за земјава во однос на степенот на корупција, додека Владата уверува дека води бескомпромисна борба против корупцијата. Според претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, ако се реши случајот „Рекет“, ќе се подобри перцепцијата за корупцијата во земјава, но ќе се зголеми и довербата на граѓаните во институциите. Во меѓувреме, ДКСК и ЈОРСМ најавија дека со заеднички сили ќе се борат против корупцијата преку континуирана комуникација и координација на иницијативите кои ДКСК ги поднесува до Јавното обвинителство.
Денеска е Меѓународниот ден на образованието. По тој повод, Зоран Заев на својот Фејсбук профил напиша:
„Го укинавме екстерното тестирање, донесовме нов Закон за високо образование, ги зајакнуваме стручното и дуално образование, инвестираме во нови објект, поставуваме енергетски ефикасни фасади и еколошки системи за греење во училиштата, за вкупно 21,3% ја покачивме платата во основното, средното и високо образование“.
Претседателот Стево Пендаровски, на симпозиумот „Образованието како фактор за мир и одржлив развој“ по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на образованието истакна дека севкупниот развој и напредок на човековата цивилизација се темели на образованието и науката.
За крај, дури и номинацијата на министерката Рената Дескоска за член на Венецијанската комисија, која е прифатен, е на тапет на опозицијата. Затоа, ќе се бара мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата, дали Дескоска може истовремено да ги врши двете функции.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО
Агенцијата за национална безбедност ги доставила до Јавното обвинителство сите информации кои се побарани од нив во врска со случајот со пронајдените доверливи документи кај пратеничката Фросина Ременски, потврди директорот на Агенцијата, Виктор Димовски.
Во рамки на истрагата „Рекет“ кај пратеничката Фросина Ременски беа пронајдени доверливи документи за кои таа тврдеше дека станува збор за документи кои кријат кривични дела и криминал, за наводна нелегална употреба на македонски агенти на УБК надвор од државата.
За тоа до каде е истрагата за овој случај, Димовски упати за повеќе информации во Јавното обвинителство.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Сарачини: Ги охрабрувам граѓаните да бидат гласни против медиумските манипулации
Советот за етика на медиумите во Македонија донесе одлуки: 4 веб страници, Вечер, Курир, Инфомакс и Нетпрес го прекршиле Кодексот на новинарите во известувањето за твитот на Петрит Сарачини на крајот на декември 2019 година, при што се обидоа да го манипулираат неговиот став и да го претстават како навреда кон Македонците или македонските граѓани. Советот за етика ја отфрли само претставката кон Република, иако констатира дека и таа била дел од копи-пејст нападот кон Сарачини тој ден.
Според Сарачини, професионалците во новинарската фела, покажуваат сериозни намери да ги адресираат овие прашања, но дека во Македонија недостига поригорозна и подоследна примена на казнивост за говор на омраза и навреда и клевета. Тој ги охрабрува граѓаните да бидат гласни и да ги адресираат овие аномалии, кои веројатно секој ден граѓаните можат да ги забележат на социјалните мрежи.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Перспективи 2020 – Кржаловски: Да покажеме дека сме достојни за Европа
„Со годините научив да не очекувам многу и за жал секоја година очекувам сè помалку, иако би требало многу повеќе работи да се направат, затоа што имаме многу ненаправени работи. Ако размислиме што сè сме пропуштиле, гледаме дека работите што ги имавме во претходниот систем во време на Југославија, после 30 години не можеме да ги вратиме во тој ред или во тие стандарди и вредности“, вели за ЦИВИЛ Медиа за перспективите на Македонија во 2020, Александар Кржаловски од МЦМС.
Кржаловски смета дека 2035 година е најран датум за членство во ЕУ, до тогаш Македонија ќе има повеќе години во независност отколку што била 45 години во југословенската федерација, од 1945-1990.
„Ние всушност во овој момент немаме техничка влада, ние имаме блокиран систем во кој одредени структури ја злоупотребуваат позицијата на техничка влада за да обезбедат слободни избори, а секако ќе ги има, и да спроведат максимална црна кампања користејќи ги токму позициите, функциите во државата.
Наместо да биде техничката влада алатка за обезбедување на слободни избори, техничката влада заради ваквото однесување на одредени функционери кои упаднаа во тој модул всушност го загрозуваат изборниот процес“, изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ на Утриниски брифинг.
СЛОБОДНА ЗОНА
АРМ и НАТО –сè уште лабаво!, заклучува Сашо Орданоски во денешната колумна.
„Човек би помислил дека е прашање на елементарен политички такт во историскиот момент кога Македонија станува членка на НАТО, шефот на нашиот Генералштаб да покаже повеќе сојузнички усет во својата меѓународна активност… Но, ете, така „испаднало“ (согласно „годишниот план…“ итн.) дека ќе го угостиме во четиридневна посета (?!) токму армискиот шеф на нашиот северен сосед… Генералот Ѓурчиновски, како поранешен постојан претставник на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, во спомнатиот историски контекст, би требало подобро да ги разбира „неуниформираните“ суптилитети на својата сегашна функција. Но, генералот Ѓурчиновски, поранешен аѓутант на Ѓорге Иванов кој и го именуваше во 2018 година на сегашнава функција, изгледа дека такви деликатни аспекти во извршување на својата функција, сепак, не ги разбира. Или, можеби, напротив, грешам?“, пишува Орданоски.
Биљана Јордановска
во соработка со Ангела Петровска, Дехран Муратов, Џабир Дерала, Арбен Зеќири, Петар Клинчарски и Сашо Орданоски