Над 63 отсто од граѓаните сметаат дека членството во ЕУ е добра работа, за 13 проценти повеќе отколку пред три години, покажува анкетата на невладината организација „Евротинк“.
Слична е поддршката и за членство на земјата во НАТО – 65,8 отсто од испитаниците се согласуваат дека е тоа добро, додека скоро 20 отсто не се согласуваат. Гледано по етнички групи, околу 90 отсто од Албанците се за членство во НАТО, во споредба со 60 отсто од Македонците. Гледано пак, по партиската припадност, најголема поддршка за западната воена Алијанса има меѓу приврзаниците на ДУИ – 88 отсто, следат СДСМ со скоро 80 отсто, додека само половина од приврзаниците на ВМРО ДПМНЕ сметаат дека членството во НАТО е добра работа.
Околу 55 отсто испитаници од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека Македонија треба да бара сопствен модел на развој, надвор од Европската Унија, што наидува на поддршка од само 16 отсто припадници на ДУИ.
Необични резултати сондажата покажува во врска со информираноста на граѓаните околу владината програма и реформите. Дури 73 отсто испитаници одговориле дека не слушнале за Извештајот од Прибе, а само половина од тие што слушнале знаат дека се работи за име на личност. Над 62 отсто испитаници не слушнале ниту за планот на Владата наречен „3-6-9“.
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.