пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Севкупните реформи во образовниот процес треба да резултираат со изградба на самосвесни членови на општествената заедница што ги препознаваат главните прогресивни текови кај нас и во светот и подготвување на стручни кадри што ќе бидат носители и на двата процеса –технолошкиот и општествениот – Стипе Шувар, претседател на државната комисија за реформи во образованието на Југославија, автор на научниот труд „Насоченото образование како одговор на општествените и економските предизвици“, Загреб 1982 година.
Важат ли некогашните тези и во ова време. Според првичното читање како да се анализа на некој наш истакнат професор. Додуша не најдов такви научни дела, ама секако вакви размислувања има. Министерката за образование го престави својот нов концепт за образование во Македонија, кој го најавува некаде од почетокот на нејзиниот мандат. Како по обичај веднаш се подигна лавина од мислења и ставови околу делови од предложениот концепт. Повеќето од нив беа ставови, зошто до став најлесно се доаѓа, се оценува моментот на прифатливост кај публиката, поделена однапред околу сѐ и сешто и оп ете ти став. А за мислење се потребни некои други предиспозиции и процеси. Мислењето треба да е израз на редот на факти и нивно ставање во вредносен контекс. Е тоа е мачна работа за добар дел од нашата интелектуална јавност.
А еве како, според мудроста на моиве новоселци, се оценувале предизвиците:
Просторијата на месната заедница како античка Агора, каде меѓу партија табланет и внимателно следење на минувачите низ големиот прозорец, се коментираат сите општествени појави. Десеттина исписници од генерацијата што минала три држави и системи, а не го напуштиле Ново Село подолго од прифатливите десеттина дена, се судираат со најавите за новата територијална поделба на Македонија.
Треба ли Ново Село да стане општина и да ја истакне својата посебност од Штип или да остане во негов состав. Сите со свои кажувања и залагања. Бате Ване, еден од присутните со статус на општа надлежност (а тоа е на повисоките вредносни и статусни категории во Ново Село, што значи има право да коментира и за политика и за фудбал и посебно важно за успехот на помладите генерации), енергично ја брани својата теза дека конечно дојде време да се подигне статусот на Ново Село како историско место и како родно место на премиери, претседатели, генерали, војводи и други дејци во Македонија, а бога ми и во Србија и во Бугарија. Ги реди податоците и имињата, а слушателите со кимање глава ја оддаваат својата согласност.
Чичко Трајче, уште еден од општа надлежност, молчи и гледа во прозорецот – дете дај ми една цигара, вели и ја става меѓу усните како пушач почетник. Неколку минути се очекува неговото мислење, а присутните се во дилема дали да климаат глава или да трепкаат, зошто еднаш кимањето го потрошија за претходниот дискутант и отсечна реченица ја разбива дилемата – градот кому ќе му го оставиме – градот на овие слепците ли да им го оставиме да го водат? Миговите летаат како Аполо 11 кон месечината и Бате Трајче го елаборира својот став – слепци не се луѓе што не гледаат со очите, туку оние што при очи се слепи. Немаат доволно знаење, ниту сакаат кон добро да го водат градот. Затоа Ново Село треба да остане во Штип и да не се дозволи секој да го води градот.
Како завршила дебатата по основ на оваа негова теза не е архивирано, ама по нешто и сега може да се извлече од неа, кога се расправаме за реформите во образованието.
По Втората светска војна или кога дошле „Нашите“, државните комисии правеле разни анализи за состојбата во општеството што требало да се реформира. Заклучиле дека бројот на неписмени и полуписмени е далеку поголем од бројот на писмени и образовани. Со одлука на властите се поминало на омасовување на описменувањето. Вечерни училишта за постарите, курсеви за трудбениците и отворање на учителски академии тогаш наречени „учителски школи“ за кадар, што таа обемна задача ќе ја реализира. Само да го видите списокот на подоцнежни универзитетски професори што се образувале на тие академии ќе ја сфатите основата на образованието што тогаш е почната. Се одело според паролата – никој не смее да остане слеп при очи, секој мора да знае барем да чита и пишува и да го разбере новото време.
Тој процес траел скоро десеттина години. Кон крајот на педесеттите се појавила потребата од стручни кадри, што ќе можат да работат на новите технологии што западните држави и ги понудиле на Југославија. Во 1958 година е направена комисија која имала рок од три години да ги посети европските држави и да предложи концепт за реформи во образованието. И во таа комисија учествувале шестмина македонски интелектуалци што до 1962 година престојувале во Белгија, Франција и Германија.
Во предлогот што го доставиле до претседателот на Собранието, Едвард Кардељ, стои – гимназиското образование како основа за идните студенти да се оддели како посебна наставна содржина, стручните училишта да започнат со образование на два нивоа – двегодишна настава и четиригодишна за техничари. Извршена е и реформа на основното образование од четиригодишно во задолжително осумгодишно.
При посетата на Тито на Франција и претседателот Жорж Помпиду, економската делегација донела потврда дека има кадри за лиценцирано производство на француски автомобили во Југославија. Тогашниот министер Бадентер ги пофалил успесите во образованието во Југославија и се понудил да организира меѓу-универзитетска соработка во сферата на правните науки. Од таа реформа произлегоа и голем дел од факултетите во составот на Универзитетот „Кирил и Методи“.
Во превирањата на почетокот на осумдесеттите и проверката на општествените вредности, се дојде до заклучок дека општествените науки заземаат голем дел од образовниот процес, што доведува до зголемување на бирократијата на државно ниво, но и во работните организации. Шуваровата комисија предложи насочено образование што беше прилагоден систем на германските образовни системи од средни и виши нивоа на образование. Целта беше баланс меѓу општото образование и техничките знаења што беа нужни поради технолошкиот развој. Првите резултати се очекуваа после 1988 година и тогаш политиката беше сеопшт критериум и реформите го забавија темпото.
Деведесеттите донесоа распад на државата и некритичко прифаќање на неолиберализмот. По 30 години сфаќаме дека тој концепт бил наменет за лесно купување на економските производствени системи и што е најважно лесен достап на мулти националните компании до евтина работна сила. За ова не треба некоја поголема елаборација, младите ни заминуваат.
Деведесеттите значеа премин од некаде кон никаде. По инерција и знаење на кадрите образовниот систем се премости деценијата без големи вредносни падови. Од поданици на државниот систем требаше да се направат граѓани со полнотата на поимот ГРАЃАНИ.
Одговорот за падот на критериумите беше – пазарот на трудот ќе биде регулатор – само една малечка ситница заборавивме по пат – не направивме пазар според сите нишани, туку кванташки панаѓур. Се отворија приватни универзитети што од критериум имаа само запишување на број на студенти што плаќаат школарина. Освен интервенцијата во учебниците и тоа како процес на децентрализација, реформи во основното образование немаше. Потребите за реформи притиснаа повторно кон крајот на првата деценија на двеилјадитите. Компаниите сѐ повеќе имаа потреба од квалификувана работна сила.
Образовниот систем како да произведуваше само партиски подмладок за полнење на јавниот сектор. Зошто се влезе во преземање на образовната форма, која ја подготвува еден приватен институт наречен Кембриџ и кои беа целите, допрва ќе видиме. Ќе има ли овде место за некои органи од прогонот треба критичката јавност и надлежните органи да се произнесат. Ако се произнесат, зошто најголемиот број тогаш молчеа?
И еве не на почетокот на третата деценија од двеилјадитите. Немаме доволно стручен кадар за нашата економија иако сѐ уште е на ниско технолошко ниво. Младите своите таленти и знаења ги валоризираат по светските пазари. Засега, до ниво на ниска средна класа, ама перспективата ја гледаат таму. За да се изнајде прифатлив концепт за најважната работа во едно општество, потребно е околу некој предлог да се дебатира стручно, одговорно и со посебно чувство за иднината на државата. За почеток го имаме предлогот на Министерството за образование.
Добар или лош, нека покаже општествената дебата без омаловажување и етикеции на било која основа. Денес на светот не му требаат образовани луѓе, туку компетентни за извршување на задачите на работното место. Не им требаат оние што знаат, туку каде да го најдат знаењето, поточно каде да кликнат на компјутерот. А нам ни се потребни образовани луѓе кои ќе наоѓаат решенија за проблемите што не притискаат. КОЈ ЌЕ ГИ ВОДИ СЛЕПЦИТЕ?
И на крајот не е на одмет мудроста на моиве новоселци. Или што би рекол Трајче Бирјата – сé треба со усул, со мерка и да си остане Ново Село посебно, ама и да бидеме значаен дел од Штип.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Тесктот е личен став на Авторот.