Постојаниот тим за мониторинг на ЦИВИЛ спроведува мониторинг на дезинформациите и говорот на омраза во изборен контекст, кој ги опфаќа интернет медиумите и социјалните мрежи, каде што можат да се вклучат и сите граѓанки и граѓани што имаат информации за овие појави, со пополнување на Граѓанската пријава.
ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи веќе со години се ангажира во борбата против лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата. Анализите и прогнозите во Организацијата упатуваа на тоа дека во периодот пред одржување на предвремените парламентарни избори, но и во постизборниот период, општеството ќе се соочи со црната кампања. Општо земено, важните интеграциски и реформски процеси и настани често ги придружуваат пропагандни активности на центрите на моќта чии цели се спротивни на стратешките интереси Република Северна Македонија. Во политичката пропаганда во Северна Македонија се бележат најразлични облици својствени и на хибридните закани врз демократијата, како што се продукцијата и ширењето на лажните вести и дезинформациите, како и поттикнување на говорот на омразата и повикување на насилство врз основа на политичка, етничка, верска, родова или друга припадност.
Покрај дезинформациите и говорот на омразата, ЦИВИЛ ќе прибира и пријави за насилство, дискриминација и кршење на човековите права. Повиците за насилство, како и сајбер нападите се дел од категориите во онлајн пријавата, како и на интересот на мониторинг тимот на ЦИВИЛ.