ВЕСТ НА ДЕНОТ
Рускиот новинар Дмитриј Муратов ја продава Нобеловата награда за помош на украинските бегалци
Рускиот новинар Дмитриј Муратов денеска најави дека ќе го донира медалот на Нобеловата награда за мир, што ја доби минатата година, за да биде продаден на аукција за собирање средства за помош на украинските бегалци.
Во независниот весник „Новаја газета“, во кој тој е главен уредник, Муратов ги повика луѓето „да споделат со бегалците, ранетите и децата на кои им треба итно лекување она што им е вредно, а што има вредност и за другите“.
Тој побара помош од аукциските куќи за организирање на продажбата.
Муратов минатата година ја подели Нобеловата награда за мир со филипинската новинарка Марија Реса.
Тој рече дека својот дел од парите ќе го подари во добротворни цели, меѓу другото за независните медиуми, домот за изнемоштени во Москва и деца со спинални проблеми.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Генералната дирекција за воена соработка на вооружените сили на Украина, утрово издаде ажурирани оперативни информации во врска со руската инвазија, кое стапува на сила во 00:00 часот на 22 март 2022 година, дваесет и шестиот ден од херојскиот отпор на украинскиот народ кон руската агресија.
Според дирекцијата, на воената агресија и доаѓа крајот. За време на борбените судири, непријателот привремено го задржува копнениот коридор со што го окупира Крим и го блокира пристапот до Азовското Море.
Десет болници се целосно уништени од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари, информираше украинскиот министер за здравство Виктор Лашко, во своја изјава на националната телевизија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да преговара за повлекување од влезот на Украина во НАТО доколку Русија се согласи на прекин на огнот, повлекување на руските сили и безбедносни гаранции во Украина.
Во Северодонецк, регионот Луганск, руските агресори пукаа на цивилите кои чекаа ред пред самопослуга, убивајќи и повредувачќи луѓе, пренесува Укринформ.
Како резултат на вооружената агресија на Руската Федерација против Украина, досега се убиени 117 деца, а повеќе од 155 се повредени.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Тренчевска: Жените и мажите треба да имаат еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот
Концептот на еднакви можности е еден од клучните приоритети на Владата на Република Северна Македонија, што значи дека жените и мажите треба да имаат еднакви права и еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот, порача министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во обраќањето на 66-тата седница на Комисијата за статусот на жените во ОН во Њујорк.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИЗБОРИ На собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска помина Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се бара пратениците на Собранието да се избираат со пропорционален модел без изборен праг и со Д’Онтов модел на распределба на мандати, при што државата би била една изборна единица.
ЕКОНОМИЈА Во рамки на Отвoрен Балкан, денеска во Белград министерот за земјоделство Љупчо Николовски на работниот состанок со српскиот министер за земјоделие Бранислав Недимовиќ, постигнаа договор во следните 7 до 10 дена да се тргне забраната за извоз од Србија во Северна Македонија на производите пченица, пченка, брашно, масло за јадење и да почне испораката на количините што се договорени меѓу економските партнери од двете држави.
УСЛОВ Прво да се смени македонскиот Устав и да се внесат Бугарите, а потоа Бугарија ќе го крене ветото за преговарачката рамка во Брисел и Македонија ќе може да ги почне преговорите за членство, повторно порача бугарскиот премиер Кирил Петков во најновото интервју за грчкиот весник „Катимерини“.
АНКЕТА Педесет и осум проценти од младите би се иселиле од државата, а 64,8 проценти се незадоволни од своето место во државата, покажуваат податоците од истражувањето изработено од Фондацијата за демократија на Вестиминстер, на кој учествувале околу 1 000 испитаници.
МУЛТИКУЛТУРА
Средба на ЦИВИЛ со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи
Претставници на ЦИВИЛ денеска остварија средба со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, по повод почетокот на реализацијата на проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“.

Претставниците на организацијата го информираа директорот Сотировски за активностите во рамки на проектот, што ќе бидат насочени кон промоција на мултикултурализмот, почитувањето на различностите и недискриминацијата во општеството како фундаментални човечки и европски вредности.
Сотировски, истакнувајќи ја важноста на темите опфатени во проектот, изрази поддршка за активностите на организацијата и заложбите за мултикултурно општество.
ДИСТРИКТ
Кировски: Војната во Украина е пораз на дипломатијата и победа на агресијата
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Атанас Кировски – новинар, уредник, колумнист, главен уредник, еден од првите македонски БиБиСи пионери.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Путин сака да го запре процесот на европска интеграција на балканските земји, исто како што во 2013 година сакаше да го запре процесот на потпишување договори за асоцијација со Европска Унија од страна на поранешните советски републики. Затоа, тој реши да избере „слаба алка“ – Босна и Херцеговина, чија државност е тешко да се нарече ефективна, пред сè, поради систематското противење на процесот на изградба на обединета држава од страна на босанските Срби. И да, ова е вистинско „украинско сценарио“, чие решение го гледаме кај нас, во Украина.“ читајте во анализата на Виталиј Портников „Нова војна во Европа“.

„Веќе долг период наназад Франција е таа која ја влече локомотивата на одбраната. Инсистира на поголемо вложување, исполнување на барањата на НАТО, работи на интеграција на европската одбрана и Макрон ја промовира идејата за европска армија. Со коронавирусот сите овие планови како да останаа во втор план, но низ пандемијата се виде дека токму одбраната е неопходна за справување со здравствена криза во која се бара транспорт на вакцини и друг материјал, комуникација и размена на технологии.“, прочитајте во коментарот на Сотир Габелоски „Ваков пресврт само Путин можеше да предизвика“.
Д. Тахири












