Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека мисли дека неговиот украински колега, Володимир Зеленски, е подготвен да го отстапи Крим на Русија како дел од мировниот договор – и покрај претходните отфрлања на таков предлог од страна на Кијив, пренесува Би-би-си.
На прашањето дали мисли дека украинскиот претседател е подготвен да ја отстапи контролата врз својот јужен полуостров, кој беше нелегално анектиран од Русија во 2014 година, Трамп одговори: „Мислам дека да“.
Трамп, исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да „престане со пукање, да седне и да потпише договор“ за да се стави крај на борбите, сугерирајќи дека ова може да се постигне во рок од две недели.
„Па, сакам да престане со пукање, да седне и да потпише договор“, им рече Трамп на новинарите на 27 април кога беше прашан за неговите очекувања од Путин. „Верувам дека ги имаме границите на договорот и сакам тој да го потпише и да заврши со тоа“, додаде тој, сигнализирајќи растечко нетрпение додека преговорите застојуваат.
Тој ги даде коментарите за новинарите по враќањето од Ватикан, каде што имаше краток состанок со Зеленски пред погребот на папата Франциск.
Трамп рече дека состанокот „поминал добро“ и дека за Крим е разговарано „многу кратко“.
Тој исто така рече дека Зеленски сега изгледа „посмирен“, што можеше да биде алудирање на јавниот судир меѓу двајцата претседатели во Овалната соба во февруари.
Украина постојано одбива да прави какви било територијални отстапки, нагласувајќи дека прашањата за земјиштето треба да се дискутираат само откако ќе се договори прекин на огнот.
Д. Мишев