Албанските медиуми денеска јавуваат за истрагите на СПАК за изборен криминал, кој се подготвува за апсења за корупција на изборите што се одржаа на 11 мај.
По одбивањето од Албанија, Обединетото кралство ќе побара од Косово да се воспостават кампови за мигранти, пишуваат косовските медиуми.
Во продолжение се поместени содржините од денешниот избор на ЦивилМедиа, од албанските медиуми во регионот.
АЛБАНИЈА
Коха јоне: СПАК се подготвува за апсења за корупција на изборите на 11 мај
СПАК тивко собираше докази пред и за време на изборната кампања, како и на 11 мај. Во сите региони, главниот обвинител Алтин Думани формираше работна група за изборна корупција.
Досега, постојат неколку истражни досиеја од BKH и SPAK, каде што се очекува да бидат потпишани налози за апсење. Извори велат дека денес СПАК го запленил мобилниот телефон на заменик-градоначалникот на општина Пука, Ндуе Сума, како дел од истрагата за изборна корупција, пренесе Коха јоне.
Балкан веб: 17 деца заразени со салмонела во градинка во Грамш
Институтот за јавно здравје потврди дека од тестовите спроведени врз 79 деца во градинката во Грамш, 17 од нив се позитивни на „Салмонела ентеритидис“.
Кај 17 деца е утврдено дека се заразени со оваа бактерија, додека се очекуваат резултати за уште 6 други деца, но и кај нив е забележано зголемено бактериско оптоварување.
Полицијата ги заплени медицинските картони на хоспитализираните деца, документацијата за залихите од храна во градинката и зеде примероци од храна за лабораториска анализа. Производите што остануваат во кујната се блокирани, пренесе Балкан веб.
Синџирот на снабдување, методот на складирање храна и хигиената во кујната на институцијата сега се под лупа на истражителите.
Истрагата продолжува, додека родителите бараат одговори на најзагрижувачкото прашање: како е можно во јавна установа за деца, основните стандарди за безбедност на храната толку сериозно да не отстапуваат?
КОСОВО
Газета експрес: По одбивањето од страна на Албанија, Стармер ќе побара од Косово да прифати воспоставување кампови за мигранти
Велика Британија ќе побара од Косово да прифаќа мигранти што пристигнуваат со мали чамци, како дел од плановите за отворање серија „центри за враќање“ во странство, открива весникот „Тајмс“, пренесе Газета експрес.
Западнобалканската земја е на списокот од девет земји составен од министри и функционери како можни дестинации за центри во странство, каде што одбиените баратели на азил би биле испратени откако ќе ги исцрпат сите опции за жалба во Велика Британија.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, исто така изјави дека нејзината земја би била „отворена“ за разговори за можен договор за прифаќање на одбиени британски баратели на азил. Косово им се придружува на Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и неколку земји надвор од Европа кои се вклучени во списокот на земји со кои министрите имаат намера да започнат преговори.
Бота сот: Без решение, страните се обвинуваат меѓусебно за неуспехот на конститутивната седница
Дури и по неуспехот на следната конститутивна седница на Собранието, политичките претставници продолжија со обвинувања и контраобвинувања за институционалниот застој. Ветевендосје го бранеше предлогот за претседател на собранието, додека опозицијата го обвинува Курти за тврдоглавост. Следната седница е закажана за два дена, пишува Бота сот.
КОЛУМНА
Коха: „Посетата на Калас во Косово и Србија која ништо не промени“
„Повиците на високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, за што поскоро формирање на институциите на Косово, за продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија, немаа никакво влијание.
Калас ќе ја доживее судбината на нејзините претходници во нејзината работа кога станува збор за дијалог, тој ќе пропадне ако нема промена во пристапот на главните земји-членки. ЕУ мора да ги надополни своите зборови дека „Охридскиот договор е валиден и мора да се спроведе“ со дела.“, пишува Авторот Аугустин Палокај во колумната „Посетата на Калас во Косово и Србија која ништо не промени“, објавена во косовскиот дневник Коха.
Подготви: Д. Тахири