САД по шести пат ставија вето на нацрт-резолуцијата во Советот за безбедност на Обединетите нации со која ќе се бараше итно и трајно прекинување на огнот во Газа и ослободување на заложниците, пренесува Би-би-си.
Заменик-претставникот на САД за Блискиот Исток, Морган Ортагус, рече дека текстот не оди доволно далеку во осудата на Хамас или во признавањето на правото на Израел да се брани.
Сите 14 други членови на Советот за безбедност гласаа за нацрт-резолуцијата – која ја опиша хуманитарната ситуација во Газа како „катастрофална“ и го повика Израел да ги укине сите ограничувања за помош.
Ова доаѓа во време кога хуманитарната канцеларија на ОН предупредува дека последните спасувачки линии за цивилите се уриваат во градот Газа, додека Израел ја проширува својата воена офанзива.
Д. Мишев