Одлуката на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на СДСМ за оценување на уставноста на собраниската Резолуција за миграцијата предизвика нова политичка реакција. Опозицијата го поврза исходот со неодамнешните најави на вицепремиерот Александар Николоски и премиерот Христијан Мицкоски за ангажирање десетици илјади странски работници.
Како започна спорот околу Резолуцијата?
Резолуцијата беше иницирана од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалициите ВРЕДИ и ЗНАМ, во декември 2025 година. Предлогот беше поднесен во услови на засилена политичка дебата за наводите дека државата планира да прифаќа мигранти или да отвора мигрантски кампови. Владејачкото мнозинство ги отфрлаше овие тврдења како невистини и ја обвинуваше опозицијата за ширење дезинформации.
Собранието ја усвои Резолуцијата на 17 декември 2025 година, Со него се осудуваат наводните манипулации за миграцијата и се потврдува политиката против нелегалната миграција. Резолуцијата, меѓу другото, има за цел да ги отфрли тврдењата за договорено прифаќање мигранти и изградба на мигрантски кампови.
СДСМ ја оспори Резолуцијата, оценувајќи дека нејзините формулации ги дискредитираат опозициските ставови и можат да ја загрозат слободата на политичкото изразување. Партијата особено ги проблематизираше квалификациите за манипулации и дезинформации, како и повикувањето на можноста за санкционирање согласно важечките закони.
На 19 декември 2025 година, СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд. Така, политичкиот спор за миграцијата се префрли и на институционално ниво, со прашањето дали содржината на собраниската Резолуција може да биде предмет на уставно-судска контрола.
Судот: Резолуцијата содржи политички декларации
На 21 октомври 2026 година, Уставниот суд ја отфрли иницијативата на СДСМ. Во образложението, Судот наведе дека Резолуцијата не содржи правни норми што би можеле да бидат предмет на уставно-судска контрола, туку политички декларации што не уредуваат општествени односи.
Поради тоа, Судот оценил дека не е надлежен да одлучува по иницијативата, повикувајќи се на член 38 алинеја 1 од својот Акт.
Важно е да се разграничи отфрлањето на иницијативата од мериторна одлука за уставноста на Резолуцијата. Судот не пресуди дека сите нејзини формулации се во согласност со Уставот, туку заклучи дека станува збор за акт што не е подобен за таква контрола.
Со тоа, Судот не ги разгледа суштински приговорите на СДСМ за евентуално ограничување на слободата на говорот, туку се задржа на прашањето за сопствената надлежност.
СДСМ: Одлуката доаѓа веднаш по најавите за „економски работници“
Во реакцијата по одлуката, СДСМ ја поврза со изјавите на Николоски и Мицкоски за ангажирање странски работници.
Од партијата наведуваат дека Николоски најавил 50.000 нови „економски работници“ годишно, додека Мицкоски, зборувал за бројка поголема од 100.000. СДСМ ја критикуваше и пораката што ја припишува на премиерот, дека граѓаните се соочуваат со избор меѓу многудетни семејства и мигранти, односно „економски работници“.
Партијата тврди дека со Резолуцијата ѝ се ограничува можноста на опозицијата да говори за миграцијата и за најавите на власта. Во реакцијата се упатуваат и остри обвинувања за политичко влијание врз правосудството, вклучително и врз обвинителите, судиите и Судскиот совет.
Прашањето за странската работна сила доби дополнителна политичка тежина по изјавите на Николоски и Мицкоски. Според претходните информации и реакциите на СДСМ, во јавноста се дискутира за можноста бројот на странски работници да се зголемува во наредните години.
СДСМ ја оспори Резолуцијата повикувајќи се на член 16 од Уставот, кој ја гарантира слободата на мислата и јавното изразување, слободата на говорот и јавниот настап.
Суштината на приговорите на опозицијата е дека квалификувањето на нејзините тврдења како манипулации може да создаде политички притисок врз критичкото изразување. Од друга страна, владејачкото мнозинство ја претставува Резолуцијата како одговор на тврдењата што ги смета за невистинити и како потврда на државната политика против нелегалната миграција.
Б. Јордановска
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












