Џабир Дерала
Во сабота, на 31 октомври 2026 година, точно во 2:34 часот по полноќ, Народната банка на Србија на својот официјален профил на Икс соопшти дека ѝ ја одзема дозволата за работа на Алта банка АД Белград. Додека Србија сè уште се соочува со последиците од режимот на Александар Вучиќ и неговата Српска напредна странка (СНС), една од најбрзорастечките банки во земјата, тесно поврзувана со деловните кругови на власта, остана без лиценца.


Во официјалната одлука, Народна банка на Србија (НБС) признава дека финансиската состојба на Алта банка значително се влошила, ликвидноста била загрозена, а интересите на депонентите доведени во опасност. Банката претходно била предмет на контролни активности. Нејзината сметка, според Време, била блокирана еден ден порано, на 30 октомври.
Кој ја изгради финансиската империја на Давор Мацура?
Од мрежа на менувачници до финансиска групација со банкарство, платежни услуги, недвижности, градежништво, осигурување и малопродажба – деловниот подем на Давор Мацура се совпадна со владеењето на СНС.
Според истражувањата на Радар, неговите компании склучувале значајни договори со државни претпријатија и добивале државни субвенции, за што пишуваше аналитичарот Љубомир Костовски за ЦИВИЛ Медиа во повеќе наврати.


Зошто државното електростопанство ѝ доверило толку значајни финансиски текови на приватна банка? Кој одлучувал за условите, надоместоците и ризиците? Дали јавните пари биле користени за зајакнување на финансискиот капацитет на деловна групација блиска до власта?


Ова упатува на нешто многу посериозно од прашања за банкарските критериуми. Очигледно, се работи за продлабочени врски каде што капиталот на еден банкарски ентитет ужива заштита од власта и институциите.
Кругот на Александар Вучиќ: Никола Петровиќ, Милан Радоичиќ, Звонко Веселиновиќ
Политичката димензија дополнително се продлабочува преку истражувањата на независните медиуми во Србија и Црна Гора.
Компанијата „Даница парк“, поврзана со Мацура, имала деловни односи со Никола Петровиќ, кум на Александар Вучиќ и поранешен директор на српскиот електропреносен систем, Електромрежа Србије (ЕМС). Истражувањата документираат и недвижности поврзани со Милан Радоичиќ и семејството на Звонко Веселиновиќ. Радоичиќ на јавноста ѝ е познат по својата улога во терористичкиот напад врз косовската полиција во селото Бањска, во општина Звечан, Косово, во 2023 година.
На 29 октомври, црногорскиот Вијести објави дека меѓународни и регионални безбедносни служби ги анализираат финансиските интереси на лица блиски до врвот на СНС, вклучително и кругови поврзани со Андреј Вучиќ, братот на поранешниот претседател.
Клучното прашање е кој навистина имал економска корист од експанзијата на Алта групацијата. Дали Мацура бил само успешен бизнисмен или неговата деловна империја била креирана за да послужи како финансиска инфраструктура за политички поврзани интереси?
Од предупредувања за „паника“ до одземање лиценца за четири дена
На 27 октомври, српскиот адвокат Иван Ниниќ, повикувајќи се на информации од финансискиот систем, предупреди на забрзано префрлање средства кон Скопје и Москва, започнато по изборите на 25 октомври. Тој преку објава на социјалните мрежи, побара итен надзор за да се заштитат депозитите на јавните претпријатија и државните институции.
Insajder iz srca sistema mi javlja:
Jedna BANKA je juče krenula sa prebacivanjem novca napolje, obavestio sam NBS jutros o tome i zatražio HITAN NADZOR, da ne bi deponenti iz JAVNOG sektora ostali praznih računa. Ovo smatram činom patriotizma i mojom građanskom obavezom 👇 https://t.co/hz7FaHmLav
— Ivan Ninić (@INinic) October 27, 2026
НБС реагираше со соопштение во кое предупреди против ширење непроверени информации и создавање паника, нагласувајќи дека трансферите се вршат преку редовни платежни канали.
Четири дена подоцна, истата институција соопшти дека Алта банка повеќе не смее да работи.
Овој пресврт директно го отвора прашањето за одговорноста на гувернерката Јоргованка Табаковиќ, долгогодишна функционерка на СНС, поставена на чело на централната банка во 2012 година.


Што знаела Табаковиќ за финансиските дубиози? Кога НБС ги утврдила проблемите со ликвидноста? Колкави средства се префрлени надвор од Србија по 25 октомври? И зошто институцијата јавно предупредувала против „паника“, додека состојбата на банката очигледно веќе била критична?
Москва, европските санкции и американскиот конгресмен
Руската димензија на оваа тешка афера е препознаена одамна. Уште во февруари 2024 година, Радио Слободна Европа откри дека српската компанија „Конекс“, посочена во европските санкциски мерки поврзани со поддршката на рускиот воено-индустриски сектор, имала регистрирана сметка во Алта банка. Компанијата потоа беше вклучена во рестриктивните мерки на ЕУ, од 23 февруари 2024 година.
Ова претставува конкретна финансиска допирна точка со субјект опфатен со санкциската политика кон Русија. Останува прашањето за трансферите. Кои субјекти ги примале трансферите во 2024 година, преку кои посреднички банки и за чија крајна корист?


Американскиот конгресмен Џо Вилсон на 14 октомври 2026 побара од државниот секретар Марко Рубио санкции против четворица српски бизнисмени поврзани со Вучиќ: Давор Мацура (Алта Банка), Иван Бошњак и Стојан Вујко (Милениум тим) и Жељко Митровиќ (ТВ Пинк). Во барањето се изнесуваат податоци за политички повластено користење јавни ресурси. Алта групацијата ги отфрли обвинувањата. Марко Рубио, односно американската администрација под Доналд Трамп до денеска (31 октомври 2026) не воведоа санкции против четворицата српски бизнисмени.
Додека Брисел предупредуваше, Скопје ширум ја отвори вратата
Европските регулаторни проблеми на Мацура имаат подолга историја. Во октомври 2024 година, АМЛ Интелиџенс (AML Inteligence) објави извештај за предизвикот на Европската централна банка (ЕЦБ) околу контролите против перење пари, потеклото на капиталот и обидот на Алта пеј за влијание врз австриската Адико банка (Addiko Bank).
Спорот стигна и пред Општиот суд на Европската Унија. Според известувањето објавено во Службениот весник на ЕУ на 22 април 2025 година, српската Алта пеј груп поднела тужба против Европската централна банка на 5 февруари 2025 година, барајќи поништување на одлуката од 26 ноември 2024 година. Во предметот Т-85/25, групацијата ја оспорува законитоста на мерките на ЕЦБ поврзани со нејзините акционерски права во австриската Адико банка.
Во Црна Гора, на 14 октомври 2026 година, на Мацура му беше забранет влез поради безбедносни причини. Според истражувањето на црногорски Вијести од 21 октомври 2026 година, разузнавачки информации од повеќе меѓународни безбедносни служби го забрзале донесувањето на одлуката за забрана за влез на Давор Мацура во Црна Гора. Мацура ја оспори мерката преку своите адвокати.
Во меѓувреме, во Северна Македонија, групацијата доби можност за експанзија.
Комисијата за хартии од вредност, предводена од Бујаре Абази, на 10 септември 2025 година ја одобри понудата за преземање на Стопанска банка Битола. Во октомври беше потврдена успешноста на преземањето. До јули 2026 година, српската Алта банка контролираше над 95 проценти од акциите со право на глас во македонската банка.
Мацура го прошири присуството и во осигурителниот сектор преку Алта Осигурување во Скопје. Костовски уште во август 2025 година, во ЦИВИЛ Медиа ја објави анализата „Српски (буразерски) свет: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка?“, предупреди на можните политички последици од финансиската експанзија на релацијата Белград – Скопје.
Тешки прашања за Мицкоски и Славески
Премиерот Христијан Мицкоски не може да го третира случајот исклучиво како прашање на банкарски надзор. Влезот на голем странски финансиски капитал има пошироки економски и политички последици, особено кога станува збор за групација поврзувана со политичките кругови на Вучиќ.
На 30 октомври, опозицискиот функционер Андреј Жерновски изнесе тврдење за трансфери од над 50 милиони евра кон Северна Македонија и побара одговори од Мицкоски и гувернерот Трајко Славески.


Истиот ден, Славески за српската N1 изјави дека македонскиот банкарски систем е стабилен и дека прекуграничните финансиски трансфери се вообичаена економска активност. Неколку часа подоцна, белградската Алта банка остана без лиценца.
Прашањата се неизбежни:
Дали македонските институции добиле предупредувања за состојбата на српскиот акционер? Дали од 26 октомври се регистрирани невообичаени приливи? Дали надзорните органи располагаат со целосна слика за трансакциите меѓу поврзаните компании? И дали политичкото приближување меѓу Белград и Скопје влијаело врз оценувањето на ризиците?
Европската комисија во извештајот за 2025 година, страница 46, поглавје 24 (Justice, Freedom and Security / Implementation and enforcement capacity), предупреди дека Северна Македонија има сериозни слабости во финансиските истраги. Во 2024 година биле спроведени само 18 финансиски истраги паралелно со предмети за организиран криминал и перење пари.
Затоа, општите изјави на Славески не се уверливи. Тој, како и другите релевантни институции имаат обврска да објават конкретни податоци со детали поврзани со оваа афера која далеку ги надминува националните, па и регионалните граници.
Повеќе од „обичен“ пад на „една“ банка
Алта банка Битола е посебно правно лице, па одземањето на дозволата во Белград не значи автоматско затворање на македонската банка. Како што соопшти банката, пренесува Слободен печат, „АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства“.
Но, стечајната постапка на нејзиниот доминантен акционер наметнува тешки прашања за сопственичките односи, капиталната поддршка, финансиската изложеност кон поврзаните компании, како и за политичките врски и интереси што ја придружуваа експанзијата на групацијата во Северна Македонија.
Имено, аферата со Алта банка е многу повеќе од банкарски скандал. Таа е длабоко поврзана со политичко-економскиот систем изграден за време на владеењето на Александар Вучиќ и предизвикува експлозивни сомнежи за потеклото и движењето на капиталот, регионалните финансиски мрежи и испреплетеноста на приватните деловни интереси со политичката моќ. Затоа е неопходна итна, темелна и независна истрага, не само за финансиските трансакции, туку и за улогата на политичките структури и институциите во Србија и Северна Македонија.
За Србија, ова може да биде почеток на разоткривањето на механизмите преку кои приватните деловни империи растеле со помош на државните ресурси и политичката моќ. Но, непријатните прашања не завршуваат на српската граница. Тие се однесуваат и на власта на Христијан Мицкоски, на другите политички актери и на институциите во Северна Македонија. Кој ги отворал вратите, кој ги носел одлуките, кој ги штител интересите и кој имал корист од експанзијата на овие финансиски мрежи?
Во 2:34 часот по полноќ падна лиценцата на Алта банка. Допрва ќе се види дали со неа ќе почне да се расплетува и политичко-финансиската мрежа што ѝ овозможи да стане толку моќна – од Белград, преку Скопје, па сѐ до европските, а особено руските финансиски врски. Или – да, тоа е многу можно – тие мрежи во меѓувреме разработиле механизми за приспособување, прегрупирање и заштита на најкрупните риби.
Тој филм сме го гледале повеќепати досега. Факторот време е пресуден. Тој ќе покаже дали ќе гледаме уште еден римејк или, конечно, поинаков крај.
ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
Оваа анализа е резултат на независна новинарска и истражувачка работа. Сите изнесени оценки, ставови и заклучоци се исклучиво на авторот и не претставуваат официјални позиции на ЦИВИЛ – Центар за слобода или на редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА. Авторот ја презема целосната лична и професионална одговорност за содржината на текстот.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.















