Руски балистички ракети ги погодија Северниот и Јужниот мост преку Днипро во Кијив во ноќта кон 17 ноември. Двата моста беа затворени за сообраќај, оштетена е инфраструктурата на метрото, а во делови од градот имаше прекини во снабдувањето со вода и греење. Во Оболонскиот реон спасувачката служба потврди двајца загинати и едно повредено лице.
Во Запорижја, регионалните власти пријавија двајца загинати и 18 повредени во утринскиот напад врз индустриски објекти. Во Смила, во Черкаската област, шест лица се хоспитализирани по ракетните удари.
На југот на Одеската област е погоден енергетски објект, а оштетени се и магацин, камиони и други цивилни објекти. Едно лице е повредено. Според ДТЕК, утрово околу 3.300 домаќинства сè уште биле без струја. Ден претходно, во истата област, во удари врз претпријатија за транспорт и пакување на земјоделски производи беа повредени две лица.
Во Комишуваха заврши потрагата под урнатините по рускиот напад врз пунктот за хуманитарна помош и засолништето на 2 ноември. Билансот е 72 загинати, а четири лица сè уште се водат како исчезнати. На фронтот, украинскиот Генералштаб пријави 135 борбени судири во претходното деноноќие.
Кијив бара безбедна пловидба за транспорт на храна
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X ја пренесе позицијата на Кијив:
„Нашата формула е јасна: слободната и безбедна пловидба во Црното Море е составен дел од сеопфатен, праведен и траен мир. 🇺🇦 работи со партнерите на постигнување прекин на огнот во Црното Море за да се обезбеди транспортот на храна.“
Нашата формула е јасна: слободната и безбедна пловидба во Црното Море е составен дел од сеопфатен, праведен и траен мир.
🇺🇦 работи со партнерите на постигнување прекин на огнот во Црното Море за да се обезбеди транспортот на храна. https://t.co/nauJuT5oKn— Larysa Dir (@dir_larysa) November 17, 2026
На министерската средба во Брисел на 16 ноември, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига рече дека Украина работи со Турција, Египет и Индија на предлог за делумен прекин на огнот за да се овозможи превозот на храна. Според него, Русија извршила 89 напади врз цивилната пловидба за три месеци ова лето, наспроти 25 во целата 2025 година.
Сибига рече дека Москва со децении ја гради својата стратегија за Црното Море врз милитаризација и користење на енергијата како оружје. Тој побара стратегијата на ЕУ да се претвори во „реални капацитети за заштита на луѓето, трговијата и инфраструктурата“.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека Анкара разговара со Кијив и Москва. Според него, руската страна не прифаќа привремен договор за пловидба без траен мировен договор.
WGO | ЦИВИЛ
Топлина за Украина: Повик за помош на амбуланта во близина на фронтот












