Институциите не личат на ништо, освен на партиски штабови… Локалните избори се на прагот, што веднаш значи дека ќе се зајакне нивниот етнички и верски карактер и дополнително ќе се удри по придобивките од ненасилната револуција против криминалниот режим… Сликата е мрачна: руинирана економија, девастиран политички систем и законодавство за на отпад, лоши односи со соседите и глобалните институции, со места на долните табели на ранг листите за демократија и медиумите…
„Лакше се дише!“ – велат луѓето. Пресреќни се, си честитаат слобода, нова влада, живот… Но, сенката на паднатиот режим е долга и студена. Секојдневно се соочуваат со непријатни изненадувања. Извршителите се во поход да исцицаат што е можно повеќе пари, пред нешто да се смени. Ако се смени. Блокираат сметки и наплаќаат камати повисоки и од најлакомите лихвари.
Толку очекуваното укинување на ступидните реформи во образованието кои ги започна министерот за смрт, а ги продолжи министерот за Менделеев систем, сепак, не ја доби трката со времето. Изби и аферата за речиси еден милион евра кои власта, пред да падне, ги подели по фантомските организации. Една од нив, на шега, во чет со другарот Петрит, ја нареков Јадна иднина точка МК. Во меѓувреме, дознаваме дека антикорупциската комисија е таа што дала налог за инспекции во организациите на граѓанското општество, а нема ниедна постапка за финансирањето на партиите, на пример. Милионски суми во евра сè уште не се оправдани, уште од изборите во 2011 година, на пример. УЈП сè уште е алатка за притисок, агенциите за вработување, иста приказна… Во хаос е системот за социјална помош, субвенции, стипендии… Не се исплатени отштетните барања од поплави и други штети… Невини луѓе сè уште гнијат по затворите. Скопје 2014 повторно блеска, исчистен од вредните, патриотски раце на вемеровските домаќинки. До кога? Тоа чудовиште мора да се тргне од нашите улици.
Режимот падна. Сега е ред да паднат и колаборационистите е и сè што го крепеше тој режим. Итно мора да се ослободат политичките затвореници и да се ослободат од плаќање оние што се неправедно казнети. Тоа значи дека секој, буквално секој што е дел од новата влада и сите институции мора да почнат со ресетирање на системот. Веднаш и на секое место, веќе во првиот час по формирањето на владата.