Што да кажам, што да пишувам… Одлични се контра аргументите од одредени портали, чии содржини се шеруваат низ 164 ботови (кои се платени по 18.000 МКД месечно) од кујни кои нам ни се баш онака добро познати. Зар за сè што изнесовме овие месеци, за одговор имавте само плитки лаги?! Ова е сè што можете?!
Пишувате: „Александар ( Цезар) Коневски , “деформатор” од групата на Алек и Перо Бунтур (со тел. 070 386…), се јавува по помлади луѓе од Скопје, Охрид, Велес, Куманово и со странски пари, за 1 час безгласно појавување на прес на Деформаторите, нуди: платен превоз, бесплатен ручек, 3.500 денари хонорар/дневница. (…) Александар „Цезар“ Коневски е инаку истакнат активист на невладините организации финансирани од Сорос и УСАИД. За него се смета дека е линкот помеѓу Александар Михајловски, Петар Богоевски и останатите „иницијатори“ од движењето деформатори и амбасадата на САД и УСАИД, од каде што, како што неофицијално дознаваме, добиваат и средства за финансирање на нивната кампања.“
Класична проституција. Треба да сфатат и сопственичката на порталот и момчето од Ѓорче Петров, а и младото момче од Лисиче дека реформите се незапирливи и дека е невозможно Никола Груевски и неговото раководство да ја сочуваат позицијата во партијата.
Реформите се најголемото раздвижување во ВМРО-ДПМНЕ после 2005 година, кога се боревме против застарената струја на Георгиевски, за да го донесеме потенцијалниот европски технократ Груевски, човекот кој ќе нè внесеше во НАТО и ЕУ за само еден негов мандат. (Какви будали испаднавме. Вардар не нè пере).
Од каде тоа дека сме давале по 3.500 МКД за присуство на прес-конференции? Колку и да ве боли тоа, луѓето се приклучуваат, зашто во РЕФОРМИТЕ препознаа нова енергија, препознаа спас за заробената партијата. Нема шпиони, предавници, нема Сорос, нема УСАИД (иако добро би ни дошол некој денар), не мора да пеам по новинарски бендови (што и да значи тоа). Единствен факт за Реформите е дека ги започнаа осуммина (јас подоцна се приклучив) и „Шу напраивме?“ За само два месеци сме повеќе од 11.000, а секојдневно се приклучуваат по дваесетмина од цела Македонија.
Едноставно, членството си ја враќа партијата кон нејзините темели – демократска, европска, народна (НЕ мермерна)… Со Реформите, на сите им се докажува дека ВМРО-ДПМНЕ не е Груевски. Напротив, ВМРО е многу, многу повеќе. Членството на ВМРО-ДПМНЕ само ќе ја извојува оваа голема битка. На ВМРО не ѝ требаат Чадори (никогаш не сфатив што значи тоа). ВМРО си ја има својата легендарна РАКА а таа е долга. Да, Никола, долга е раката на ВМРО!
Какви ли сте Вие ликови да критикувате пријателство со Џабир Дерала? Јас не сум другарче на Џабир Дерала. Напротив ние сме ДРУГАРЧИШТА, повеќе од 25 години. Жал ми е што, од кога го знам, изложен е на напади. Но, кој му е крив? Избрал да биде објективен и да не зазема страна за време на македонската транзиција. Е, тоа е цената другар Џабир. Можеби за 25 години ќе добиеш и некоја статуетка…
А кај се твоите пријатели, Никола? За еден твој знам што го снајде, оној пријателот, во чиј дом беше одлучено дека ти си идниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Поради неговата слободоумна, граѓанска мисла, онака „мангупски“ го спакувавте, три месеци да си одлежи во Шутка. Но, човекот навистина мангупски издржа и оп! Еве го, со нас е во Тимот! Заедно илјадници членови кои секој ден се приклучуваат. За да можам слободно да завршам со клишето – РЕФОРМИТЕ ЌЕ ПОБЕДАТ!