Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Јанис Аманатидис, во изјава за грчката телевизија „Скај“ не го отфрли терминот „Македонија“ како дел од предлогот за решавање на прашањето за името и напомена дека привремената референца веќе го содржи тој термин.
– Повеќе од 140 земји веќе ја нарекуваат земјата Република Македонија – рече Аманатидис, коментирајќи ја изјавата на Нимиц дека во предлогот ќе биде содржан терминот „Македонија“.
Тој потенцира дека целта на Атина е сложено име за севкупна употреба, кое ќе се користи и во Македонија и надвор од неа, како и „елиминирање на иредентизмот од страна на Скопје“.
Аманатидис во изјавата не спомена географска одредница и додаде дека постојат други параметри кои ќе го одредат текот на преговорите.
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.
Одговорноста за редакциското опремување на текстовите (наслов, наднаслов, фотографија, тагови) е на ЦИВИЛ Медиа.