Со натписи „Знаете ли кој е Алмир“, „Правда за Алмир“ и „Нема правда, нема мир“, пред Собранието на Република Македонија, денеска граѓанки и граѓани од иницијативата „Правда за Алмир“ ја пречекаа високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
„Дојдовме тука за да и порачаме на Могерини, на Хан и на сите европски очи кои денеска се свртени кон Македонија дека правдата кај нас е мртва!“, изјави Висар Вишка, еден од организаторите на протестот.
Вишка истакна дека денешниот протест има за цел да им покаже на претставниците на Европската Унија дека граѓаните не се согласуваат со вакво право, и дека доколку тие сметаат дека ова е пример за европско право, можат да ги земат нашите судии и политичари.
„Тука не мислам само на случајот со Алмир, туку сите случаи каде има индиции дека судството не постапило објективно и непристрасно“, изјави Вишка.
Тој исто така додаде дека се чека на последната одлука на судот во Куманово за да покренат обвиненија против обвинителите Јовевски и Кусигерска, судијката Маја Денковска и сите инволвирани за кои има сомнение дека не постапиле соодветно од полтичари, судии, јавни обвинители и сите останати вмешани во овој случај.
Маја Ивановска