Директорот на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски на Конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2021“ зборува за предизвиците на граѓанскиот сектор во наредната година, со оглед на кризата со Ковид-19, економската криза и бугарското вето.
-Очигледно, 2020 година ќе ни остане на сите запаметена, како глобално, така и кај нас, заради пандемијата со коронавирусот, и за граѓанските организации беше многу чудна, невообичаена, и со потреба за промена на многу редовни активности и прилагодување на новонастанатата ситуација. Со појавата на вакцините, очекуваме во првата половина од годината ситуацијата да се стабилизира,и полека да се враќаме од новото нормално, кон старото. Иако изгледа дека доста од работите кои ги применувавме во текот на годината, испаднаа и некои добри работи, во смисла на комуникацијата преку интернет и работењето од дома. Експериментиравме со многу работи, така што верувам дека голем дел од нив и ќе останат. Ако ништо друго, едната од синтагмите „пејперлес офис“- канцеларија без хартија, видовме дека може да функционира и претпоставувам дека голем дел од организациите ќе преминат во електронско работење, вели Кржаловски.
Тој се осврна на здравствената криза и улогата на граѓанските организации во справувањето со неа, посочувајќи кон превенцијата и помошта за загрозените лица.
-Она што се случуваше годинава, веројатно ќе биде карактеристика и на првата половина од следната година, а тоа е дека сепак голем дел од граѓанските организации се прилагодија на директна работа за превенција и помош за загрозените лица и нивните целни групи во справување со пандемијата, особено затоа што кај нас се случи трет бран, кој досега беше најжестокиот… За жал, параметрите кои не ни одат во прилог како држава, во справувањето со мал дел тестирања, а голем број смртни случаи, мислам дека и самите граѓански организации треба да поработат на тоа. Последниот настан ни беше со министерот за здравство, др. Филипче, на кој што осумдесетина граѓански организации претставија што можат да направат и слушнаа од министерот што треба да направат, така што очекувам првиот период од наредната година да биде посветен токму на справувањето и подобрувањето на ситуацијата со корона кризата и превенција на нови смртни случаи во толкав обем.
Во однос на работата и финансирањето на граѓанските организации во време на здравствена, политичка и економска криза, Кржаловски вели дека не е оптимистичен за состојбите со граѓанскиот сектор во наредниот период, заради застојот на реформите и транзицијата на финансирањето од странски донатори кон домашните извори на финансирање.
-За подолгорочните погледи и перспективи , за граѓанското општество, за жал, не очекувам добри работи, заради кризата се одложени сите реформи што требаа да се случат и во граѓанскиот сектор, пред се мислам на транзицијата на финансирањето од странски донатори кон домашните извори на финансирање, пред се државниот буџет, којшто се уште е далеку под нивото на регионот. Земјите од регионот обезбедуваат далеку повеќе од сопствените буџетски извори отколку од странски донатори, за жал, заради короната но и заради ветото од Бугарија, повторно сме во слично лимбо, како и досега, заради кое странските донатори и досега одржуваа програми во Македонија, иако одамна требаше да ги затворат и напуштат, односно да не финансираат проекти во Македонија, бидејќи функцијата на земја кандидат за членка во ЕУ треба да си ги преземе одговорностите во свои раце, и можеби тоа ќе биде една од лекциите, особено ако потрае ова со Бугарија. Ќе треба сами да се справиме, и можеби Европската Унија затоа не е приемчива за нас како членка, бидејќи едноставно, не ги постигнуваме ниту стандардите од пред транзицијата во Југославија, а камоли да ги унапредиме, за да бидеме квалификувани за членство во ЕУ. Никој не сака да има земји кои само ќе влечат помош од другите членки, а нема да придонесуваат. Така што, мислам дека ќе биде предизвик и за граѓанскиот сектор, годиниве што претстојат да придонесат повеќе кон таа транзиција кон Европски вредности, а без европска поддршка, вклучително и можноста да има помалку средства за граѓанскиот сектор од ЕУ и другите донатори. Дали владата ќе најде сили за таа реформа што ја очекувам, да се направи транспарентен систем за домашно финансирање, повторно не би очекувал, иако целта е за 2021 тоа да го направиме, има повеќе иницијативи и организации, и самата ЕУ цели кон тоа, и Владата се заложи кон тоа да се случи годинава или следната, но заради целата констелација и ситуација можеби не треба да се надеваме на такво нешто.
Најголем дел од програмите на граѓанскиот сектор што се активни во моментов, тоа е Цивика Мобилитас која ја раководи МЦМС на швајцарската амбасада, но и УСАИД со проектот Концепт за граѓански ангажман, поентата е самите организации да ја вратат, или да ја возобноват врската со граѓаните, односно, тоа што го работат да биде рефлексија на тоа што се потреби на нивните целни групи, на поширокото граѓанство, и очекувам придвижување во тој правец, организациите кои ќе демонстрираат дека имаат поддршка од членството или се залагаат вистински за одредени целни групи, да растат и да се зголемуваат и понатаму, и да се етаблираат во тој простор на граѓанскиот сектор, и веројатно голем дел од тие организации ќе престанат да постојат, бидејќи целта е да се исполни визијата за којашто е формирана организацијата, кога ќе се исполни таа визија, нема причина да постои повеќе таа организација. Така што, како што ќе се решаваат работите на патот кон ЕУ, веројатно дел од организациите ќе престанат да постојат, а ќе се формираат нови. Она што гледам дека недостига во граѓанскиот сектор, е покривање од организациите на десно ориентирани гласачи, но и граѓани, дека поголемиот дел од граѓанскиот сектор ја ужива поддршката на полибералните граѓани, условно речено лево ориентираните, иако кај нас во врска со партиите е тешко да се направи разлика. Нема соодветно покривање на поконзервативниот дел од граѓанството или самите организации што ги покриваат не се вклучени во тековите на финансирање на европските и другите странски и домашни организации, што прави судир во општеството, и мислам дека треба полека да се балансира, да се изедначи на некој начин пристапот до средства и пристапот до јавноста, и во презентирањето на работите.
Повеќе заради бугарското вето и помалку заради кризата со коронавирусот, мислам дека ќе стагнираат и голем дел од прашањата со кои се занимава граѓанскиот сектор, од поддршка на загрозените и ранливи групи, до прашањата на родова еднаквост, говор на омраза и слично, дека тие ќе имаат помал приоритет, бидејќи имаме поголем проблем, и од здравствена и од политичка причина. Сметам дека делумно, дури и позначително, граѓанските организации ќе бидат фрлени на маргините на општествените движења во следната година, бидејќи покрај здравствената и политичката, мислам дека ќе се случи и трета криза, економска, која ќе биде ефектна на здравствената, но со нивото на задолжување што го направивме годинава, и се планира дефицит за следната, мислам дека ќе дојдеме на границите на економски колапс, и тоа ќе биде приоритет за справување, и на Владата, и на граѓаните, со вработувањата, со одржувањето на приходите и стандардот на живот. Така што, за жал, не очекувам светли денови за граѓанските организации, но тоа се и шанси за покажување и демонстрирање на својата вредност. Во кризни ситуации, граѓанските организации секогаш истапувале и помагале на државата да се справи со тие кризи.
Д. Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети