Најавите за целосно бесплатен превоз на пензионери повторно се актуелни во медиумите. И повторно, многумина останаа – со кратки нозе.
На 27 декември, „Експрес.мк“ објави наслов „Од јануари пензионерите бесплатно во автобусите на ЈСП“, со линк до напис во „Слободен печат“ – „Повторно бесплатно за пензионерите во автобусите на ЈСП во вторник, петок и викенди“. Но насловот на Експрес не прецизира денови за бесплатен превоз, што може да ги доведе во заблуда граѓаните што го прочитале само насловот.
Во претходна епизода на „Кратки нозе“, веќе укажавме дека пензионерите од Скопје немаа никогаш секојдневен бесплатен јавен превоз, и дека Арсовска остана со кратки нозе кога тврдеше дека ќе го „врати она кое што го имаа претходно“, залагајќи се да имаат бесплатен јавен превоз секој ден.
По интервјуто на градоначалничката за Канал 5, повеќе медиуми пренесоа дека според Арсовска неопходно е пензионерите да имаат бесплатен превоз секој ден, а градоначалничката тоа не го демантираше: „За пензионерите секако е неопходно да имаат бесплатен превоз секој ден… Во првите три месеци ќе се буџетира бесплатен превоз за пензионерите“. (Арсовска: Рано е за бесплатен автобуски превоз, БРТ или 250 автобуси ќе се гласа на референдум)
A што всушност кажа Арсовска во гостувањето на Канал 5? Кога новинарот ѝ посочува на Арсовска „секој ден да имаат бесплатно“ и кога ја прашува „од нова година практично, за пензионерите ќе биде бесплатен автобускиот превоз“, и тој, и другите новинари добија впечаток дека Арсовска зборува за бесплатен јавен превоз секој ден, па така и ја пренесоа во јавноста.
Меѓутоа, во одлуката предложена од Арсовска до Советот на Град Скопје, се зборува за субвенции за „Обезбедување на карти за возрасни лица и студенти – бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела“, а не секој ден. Такво во кампањата за локалните избори 2021 имаше екс-градоначалникот Шилегов, а Арсовска, пак, ветуваше целосно бесплатен јавен автобуски превоз за сите скопјани.
Накусо, со кратки нозе останаа многумина – и тие што сега тврдат дека „Од јануари пензионерите бесплатно во автобусите на ЈСП“, и Арсовска и новинарите кои тврдеа дека ќе се буџетира бесплатен превоз за пензионерите секој ден од нова година.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски