Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во врска со вчерашната емисија „Само вистина“, емитувана на ТВ Канал 5, излезе со соопштение во кое укажува дека дебатите за политичко – општествените прашања треба да придонесуваат кон остварување на слободата на изразување, кон културата на толеранција и во ниту еден момент не смеат да поттикнуваат нетрпеливост.
Сите учесници во јавниот дискурс, а особено политичарите и носителите на јавни функции, треба да бидат свесни за тежината на јавно искажаниот збор и да се воздржуваат од изјави, особено преку медиумите, кои го поткопуваат дијалогот меѓу различните етнички групи во општеството, и дека етикетирање на медиуми и новинари негативно се одразува на слободата на медиумите и го нарушува новинарскиот дигнитет.
Истовремено, нагласуваат од АВМУ, медиумите треба да бидат простор за отворена дебата, место каде ќе се изнесуваат различните мислења и ставови (и позитивни и негативни) на учесниците во интервјуа, дискусии и други емисии. Уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика треба да бидат самостојни и независни. Секое попречување и, особено, прекинување на емисиите од страна на управителите или сопствениците на медиумите, како вмешувањето на Иван Мирчевски, управителот на ТВ Канал 5, во емисијата „Само вистина“ претставува мешање во таа независност и самостојност.