„Драстичните промени во однесувањето, намалената способност да се помни, да се мисли и да се носат самостојни одлуки, се симптоми на деменција. Тоа ли се случува со општеството? Паднало во состојба на деменција?
Одбивањето на фактите, здравиот разум и логиката не се прашање на верата или верските слободи – човек да верува во што сака. Неприфаќањето на логиката и на фактите не значи дека се искористува некое право или слобода. Тоа нема врска со човековите права и слободи. Тоа едноставно може да значи дека 1) некој е толку глупав што не може да разбере, 2) има некоја друга цел, сака да скрие или да добие нешто со одбивањето на очигледните факти, 3) таа или тој е жртва на обработка на политичка или верска пропаганда.
Или, да ја скратиме приказната, време е да признаеме дека пропагандата беше и остана најсилното оружје во рацете на човекот. И во историјата и во сегашноста се познати состојбите на деменција (или масовна психоза) на општеството. Фашизмот, сталинизмот, нацизмот… Ако прифатиме дека и тие биле и поминале (навистина, оставајќи неизмерни разорувања и страдања зад себе), можеби тука останува трошка надеж.“
Извадок од колумната „Дали човештвото е уморно од себе?“ од Џабир Дерала, објавено на ЦИВИЛ МЕДИА на 23 ноември, 2021 година.