„Поддршка за Македонија и помош за процесот да се движи напред, но сепак, главната улога за тоа ја имаат граѓан(к)ите на Македонија и лидерите на политичките партии“, ова и понатаму е официјалниот став на Американската амбасада.
„Зборувавме за ова многу пати, не знам дали има Пржино еден, два, три… Имавме систем поставен од мај до јули 2015, кој предвидуваше кризата да се реши со враќање во Собранието, со создавање услови за добри и фер избори, со справување со прашањето на неовластено прислушуваните разговори, како тие настанале и што откриваат, и потоа да продолжиме со реформските приоритети. Сметам дека тоа останува добра основа за да одиме напред. Ако ги погледнете овие елементи, мислам дека може да видите начин како да одиме напред“, истакна денеска амбасадорот на САД, Џес Бејли.
„Има тензии во општеството, има поделби, и важно е институциите да ги приближуваат граѓаните заедно“, продолжи тој, осврнувајќи се уште еднаш на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот за формирање влада.
„Сметаме дека тоа не беше правилна одлука и се надеваме дека ќе ја преиспита. Мислам дека е важно демократските институции да функционираат и во тоа се содржани решенијата“, истакна амбасадорот Бејли.