ТЕМА НА ДЕНОТ
ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го блокира Собранието, односно да направи обид да стопира секаква законодавна активност во Парламентот, освен закони кои се однесуваат на помош на граѓаните.
„Ако мислите дека ќе завршиме тука, нема. Ова ќе биде процес во кој треба комплетно да ја принудиме оваа влада раководена од 15 пратеници на ДУИ и администрирана од Ковачевски и СДСМ да замине, затоа што мора да се согласите дека сега како никогаш во минатото не било толку лошо. Сега не е лошо туку очајно, имаме национална катастрофа, девастирана економија, урнисано здравство, многу лоша состојба во образованието“, изјави Мицкоски.
Тема блокада на Собранието ќе биде на состанокот на Извршиниот комитет на ВМРо-ДПмНЕ што ќе се одржи вечерва.
СДСМ реагираше дека Христијан Мицкоски очигледно дејствува по наредба на неговиот шеф во Будимпешта, Никола Груевски „како што е очигледно дека ваквото засилено деструктивно однесување доаѓа само десеттина денови по објавената Црна листа на САД каде се најде и Груевски“.
„Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ закажана за вечерва е обична фарс“, велат од СДСМ..
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ во Штип со промоција на мултикултурализмот
Два тима на ЦИВИЛ денеска во Штип имаа голем број средби со претставници на граѓанското општество, локалната самоуправа и медиумите.
Претставничките и претставниците на организацијата имаа средба и со градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, на која стана збор за предизвиците и постигнувањата во доменот на развојот на мултикултурализмот.
На инфо-штандот на ЦИВИЛ граѓанките и граѓаните можеа да се запознаат подетално за заложбите на организацијата за промовирање на европските вредности, антинационализмот и мултикултурализмот.
ЦИВИЛ одржа и прес-конференција, на која претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, зборуваше и за мониторингот на ЦИВИЛ за дезинформациите и пропагандата, а одговораше и на новинарски прашања.ВОЈНА ВО УКРАИНА
Неодамнешните изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за еврејската крв на Адолф Хитлер докажуваат дека Москва претставува закана за Евреите насекаде и се граничи со негирањето на Холокаустот, изјави Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
*
Европската унија денска објави шести пакет санкции против Русија, чии сили напаѓаат цели во источна Украина и истрелуваат ракети кон фабриката за челик, последното упориште на отпорот во пристанишниот град Мариупол. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска нагласи дека ЕУ ќе воведе постепена забрана за руската нафта како одмазда за руската инвазија врз Украина.
*
Руските сили вчера бомбардираа цели во осум украински региони за да ја уништат транспортната инфраструктура на Украина, јавува Укринформ. Нападите имаат за цел да ја намалат можноста за доставување каква било помош од западните и централните региони на првите борбени линии на истокот од Украина. Погодени се цели во регионите Лвив, Днипропетровск, Кировохрад, Виница, Кијив, Закарпатје, Одеса и Донецк.
*
„Конечно го имаме резултатот, првиот резултат од нашата операција за евакуација од „Азовстал“ во Мариупол, која ја организиравме многу долго време. Беа потребни многу труд, долги преговори и разни посредувања“, изјави Володомир Зеленски, украинскиот претседател во своето редовно обраќање.
ИЗЈАВА
Османи: Блокирање на Парламент во услови на криза е енергија на деструкција
„Блокирање на Парламент во услови на криза е енергија на деструкција… Владата е единствена и апсолутно јасна во своите определби и ништо нема да ја поколеба во остварување на целите… Јавноста со право е фрустрирана поради економските текови кои се поврзани со надворешни фактори, како и од пандемијата и од забавувањето на европските текови, но работа на Владата е да ги води и предводи работи, а не да јава на расположенијата на граѓаните. Граѓаните се фрустрирани, но тие гледаат постратешки од многу политичари“, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, во однос на најавената активна блокада на Собранието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМИЈА Стратешките развојни документи важни за напредокот на државава денеска беа претставени на донаторска конференција на која претставници на Владата и на донаторската заедница разговараа за следните чекори за проширување на развојната соработка
СОРАБОТКА Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски и претседателот на Унијата за Туризам на Косово, Баки Хоти, денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете земји, во насока за развој и промоција на туризмот преку заеднички активности и туристички понуди, соопшти АППТ.
ИЗБЕШТАЈ Економскиот раст на земјава во 2022 година се очекува да забави до 2,7 проценти при што реалниот БДП до средината на годинава ќе го достигне нивото пред пандемијата, оценува Светска банка (СБ) во Редовниот полугодишен економски извештај за државите од Западен Балкан.
ПРАВДА Измените на постојниот Кривичен законик во однос на насилството врз новинари се во собраниска процедура и тие треба да бидат усогласени со целосно новиот кривичен законик, кој веќе постои во првична нацрт верзија и за кратко време ќе биде ставен на ЕНЕР, а треба да биде донесен до крајот на годината, најави денеска министерот за правда Никола Тупанчески.
БЕЗБЕДНОСТ„Новонастанатите состојби во Украина, дополнително ги стимулираат и потребите за одржување на цврста меѓународна соработка со земјите од регионот, поради што Република Северна Македонија активно е вклучена и ги поддржува сите меѓународни иницијативи кои имаат за цел да ја зајакнат соработката и безбедноста во регионот“ порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на почетокот на неговото обраќање за време на конференцијата на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, што се одржува во Атина, во рамките на грчкото претседателство.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Голем дел од градоначалниците покажуваат мал капацитет да се носат со одговорностите во време на криза. Делуваат како „паднати од небо“ и покрај тоа што со исклучок на кризата во Украина останатите кризи веќе се случуваат или беа предвидени дека ќе се случат“ вели Сотир Габелоски во „Уште три и пол години со сегашните градоначалници“.
Б. Јордановска