СВЕТСКИ ДЕН НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ
Целта на одбележувањето на Светскиот ден на слободата на медиумите е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсетиме на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.
Во текот на изминатите 13 години, ЦИВИЛ работеше на креирање медиумска платформа која е слободна, независна и отворена. Организацијата се реши на овој потфат во услови на медиумски мрак, кога режимот ги претвораше новинар(к)ите во држачи за микрофони, а медиумите во своја пропагандистичка и националистичка огласна табла.
ЦИВИЛ непрекинато продолжува да биде отворен и независен простор за споделување мисли и ставови од новинари, автори и активисти од различни профили.
По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, ЦИВИЛ – Центар за слобода покани експерти и професионални новинарки и новинари да дадат своја изјава или да напишат краток текст. Во текот на денот се објавија повеќе текстови, изјави и интервјуа, специјално подготвени за медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Зоран Иванов , Хетерогени состојби – хетерогени медиуми – хетерогени вистини, Марина Тунева, Ниту еден политички субјект или центар на моќ не смее да го (зло)употребува новинарскиот труд, Војо Маневски – Слободата и новинарите, Жарко Трајановски – Слободата е најголема жртва на воената и пропагандна агресија, Петрит Сарачини – 3 Мај: Кој ја нарушува слободата на медиумите?, Бранко Тричковски – Нема што да се честита, Борјан Јовановски – Патот до вистинска слобода на медиумите е многу долг, Љубомир Костовски – Расправата за медиумите кај нас се води во редуциран простор. Ненад Јовановиќ – Слобода од угнетувачи, националисти и шарлатани, и уште неколку други текстови кои ќе бидат објавени во текот на вечерта.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Во одредени кругови во Бугарија има некакви тези за македонскиот идентитет, но и 100 години да трае процесот не може да има ефект на промена на идентитетот. Ние знаеме кои сме и што сме и знаеме дека нација не се создава или брише со одлука“ изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Руската Федерација го избра патот на теророт на цивилното население и мора да биде призната како државен спонзор на тероризмот, објави на Твитер Михаило Подољак, советник на шефот на кабинетот на претседателот, објавувајќи ги фотографиите на измачените Украинци, пренесува Укринформ.
„Откорнати нокти. Врзани раце. Уште еден гроб на 2 цивили е пронајден во селото Калинивка, Киевската област. Колку такви злосторства има во моментот на окупираните територии? Русија го избра патот на теророт на цивилното население и мора да биде препознаена како спонзор на тероризмот“, објави Подољак на Твитер.
Во блиска иднина очекуваме нов пакет санкции од Европската унија. Овој пакет треба да вклучува јасни чекори за блокирање на руските енергетски приходи. Ние навистина веруваме во ова. За да на терористичката држава не и се даваат милијарда евра дневно за гориво, напиша претседателот Володимир Зеленски на Фејсбук, каде се осврна на ова прашање во своето видео обраќање до нацијата доцна вечерта во понеделникот.
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск потврди дека побарал средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва за да се обиде да ја запре војната во Украина, но дека се уште не добил одговор.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МЕДИУМИ Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ) денеска, на 3-ти мај на Меѓународниот ден на слободата на медиумите го организираа завршниот настан под мотото „Безбедни новинари и медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“.
НАПАДИ Меѓународниот институт за печат (ИПИ) има документирано 356 напади врз новинари, акти на цензура и сериозни прекршувања на слободата на медиумите од почетокот на руската инвазија на Украина.
Објавени во пресрет на Светскиот ден на слободата на печатот на 3 мај, податоците од агресијата врз Украина за следење на слободата на печатот на ИПИ ја нагласуваат катастрофалната жртва што војната веќе ја има направено врз независното новинарство, слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во двете земји.
ПОДДРШКА Премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на свечената церемонија на започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, оствари средба со амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат, како и со амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мари Брнз. Амбасадорот Пајат изрази силни заложби за интензивираното стратешкото партнерство, за важноста на денешниот настан на почетокот на изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Иво Ранѓеловиќ – скопјанин и бостонец и њујорчанец и лондончанец и магистер и докторант и светски патник и, посебно за ова интервју, во улога на толкувач на актуелните меѓународни односи и глобални поместувања низ призмата на руската агресија врз Украина.
Д. Тахири