По повод одбележувањето на Светскиот ден на слободата на медиумите, ЦивилМедиа побара изјава од проф. д-р Марина Тунева за актуелните состојби, предизвици и прашања поврзани со оваа голема тема.
„Независните медиуми се неизбежен дел од битката за промоција на демократските вредности и развој на општеството. Создавањето и одржувањето поволен амбиент за независна работа на медиумите подразбира континуиран стремеж да се адресираат системските причини и недоследности, како и факторите и причините што влијаеле и продолжуваат да влијаат врз слободата на медиумите“ – вели д-р Тунева.
Таа се осврна и на прашањето за тоа кои се главните пречки за развој на независните медиуми и кои се последиците од тие појави. Според неа, заплашувањето, притисоците, прогонот и злоупотребите се недозволиви во ниту еден амбиент.
„Недозволиво е во ниту еден амбиент, новинарството да опстојува на една мрачна сцена на којшто се прават обиди новинарите и медиумските работници да се заплашуваат, замолкнат, прогонуваат и да им се загрозува не само правото на слобода на изразување, туку и основните човекови права. Прангите врз слободното новинарство значат пранги и врз зборувањето за теми од јавен интерес, за темите што адресираат несакани појави, како и за јавната дебата што води кон напредок на општеството“ – ги адресира проф. д-р Тунева главните предизвици во општествата, поврзани со работата на медиумите.
Тоа особено се однесува на дејствувањето на политичките субјекти и центри на моќта врз работата на медиумите.
„Ниту еден политички субјект или центар на моќ не смее да го (зло)употребува новинарскиот труд и содржини за лични или нечии други интереси, а секоја интервенција во таа смисла може да се разбере како директен атак врз слободата на изразување и како директно мешање во интегритетот на професијата“ – дополни нашата соговорничка.
Голем број прашања за статусот на новинарската професија во земјата се неодговорени, според проф. д-р Тунева.
„Разгледувајќи го статусот на професијата во државата, редица прашања сè уште остануваат неодговорени и бараат големо внимание: како да се подобрат условите за работа во редакциите, како да се зголемат безбедноста и заштитата, како да се спречат заканите и притисоците, како да се избегне говорот на омраза и осудата, особено кога се истражува и говори за аномалии во општеството?“ – вели Тунева.
Како што стојат работите, нема многу простор за оптимизам.
„Без одговор на овие прашања, координација и конзистентност во делувањето на сите релевантни чинители, секој битка во однос на целосната независност на професијата ќе биде изгубена. Затоа што сè што е потребно, а не е овозможено е веќе изгубено!“ – категорична е медиумската експертка, проф. д-р Тунева.