Eврокомесарот за проширување Јоханес Хан повторно во Македонија ќе испрати тим искусни, независни експерти, предводени од Рајнхард Прибе. Одлуката, како што е наведена во писмената изјава на Хан, е дел од подготвеноста на Европската унија да работи заедно и да ја поддржи новата Влада во нејзините реформски напори.
„Во групата ќе бидат вклучени истите искусни експерти кои го подготвија Извештајот со препораките, поврзани со пресретнатите комуникации во 2015 година“, пишува Хан, прецизирајќи дека нивната работа била вградена и во Итните реформски приоритети на Прибе кои се дел и од Договорот од Пржино.
Експертите ќе треба да ѝ помогнат на новата Влада и да ја советуваат за теми поврзани со владеењето на правото.
Термин кога точно доаѓа тимот на Прибе во Македонија не е сè уште утврден, но Хан се надева дека тоа ќе биде што поскоро.
„Исто така, побарав од шефот на Делегацијата на Европската унија да разговара со новата Влада пошироко за реформските приоритети поврзани со ЕУ, со конкретни рокови, и за тоа како ЕУ може да обезбеди помош и совет за тие реформи“, наведува Хан.
Експертите, според наведеното, ќе направат анализа на сегашната ситуација, дополнување на претходните заклучоци и ќе дадат препораки како да се одговори на загриженоста поврзана со владеењето на правото кое назадуваше минатите години.
Еврокомесарот Хан најавува и соработка со опозицијата, со цел – да се врати земјата назад на евроинтегративниот пат кој граѓаните го сакаат и го заслужуваат.