Во интервју за неговиот омилен деск (информативен портал) Курир, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, потврди дека „без разлика на резултатите од анализата на изборите“ тој ќе поднесе оставка од лидерската позиција на партијата.
Оваа изјава на Груевски е потврда на она што ЦИВИЛ Медиа го објави на 12 ноември, дека Никола Груевски веќе подолго време размислува да објави оставка од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
По објавувањето на текстот на ЦИВИЛ Медиа, ВМРО-ДПМНЕ за помалку од два часа излезе со демант на нашите информации.
„Демант на пишувањата на Цивил – Груевски е Претседател на ВМРО-ДПМНЕ и останува да биде. Груевски е Претседател на ВМРО-ДПМНЕ и останува на оваа функција согласно доверениот мандат. Понатамошни и идни чекори на партијата ќе бидат превземени по направените анализи на резултатите на последните избори. Тие чекори ќе бидат во насока на интересите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзините членови, доброто на граѓаните и интересот на Македонија. Најголемото зло во оваа држава останува да биде хунтата на власт која ја носи државата во економската бездна и сиромаштија. Се друго преставува дефокусирање од вистинските теми во државата како што е погазувањето на државните интереси во секој поглед, повисоките даноци, криминалот, стагнацијата на сите проекти“, стоеше во демантот од партијата.
Во денешното интервју, пак, Груевски ја потврди информацијата на ЦИВИЛ Медиа. Тој сега вели дека и на 15 октомври, по изборите, „со политички речник“, како што вели, ја најавил својата оставка но и дека „никој не го сфатил тоа“. Чиста поезија!
Прашуваме: Зошто ВМРО-ДПМНЕ воопшто се мачеше да нѐ демантира, а нивниот лидер само две недели подоцна објаснува дека одамна се подготвил за оставка?!
Маја Ивановска