Вистинскиот подвиг на граѓанките и граѓаните на Гевгелија на минатонеделниот референдум, драги сограѓанки и сограѓани, е токму фактот што иницијативата успеа да ги обедини граѓаните, политичарите и локалната бизнис-заедница, наоѓајќи го заедничкиот интерес преку партиско-политичките ѕидови. А, победата за граѓаните на Македонија се состои во тоа што преку референдумот во Гевгелија го добивме толку посакуваниот сигнал, дека е возможно да победиме!
Возможно е да се дејствува и против арбитрарните одлуки на една авторитарна власт, која, кога е нејзиниот интерес во прашање, не прашува за животот и здравјето на луѓето, дури и на оние кои би дале живот и здравје за таа политичка опција и за нејзините лидери.
Затоа, најави за референдуми против отворање на рудници кои може да имаат сериозни последици за животната средина, се најавуваат насекаде низ Македонија. А иницијативите нема да застанат само тука. Еве, на пример, десетици илјади граѓани потпишуваат петиција за поддршка на децата со посебни потреби. Иницијативи никнуваат и ќе никнуваат уште повеќе. Како што изгледа, суверените, вистинските „газди“ на Република Македонија се будат, секаде! Македонија се буди!
Затоа, нека знаат оние, што во моментов, преку самовластие, преку де факто државен удар и институционалното насилство, го спречуваат остварувањето на волјата на суверените на Републиката, изразена на минатите избори: Рудниците нема да ви поминат, затоа што ќе има референдуми против нив, секаде во Македонија! Каков ќе биде резултатот, видовте во Гевгелија!
Криминалот нема да ви помине, оти, ако треба, ќе направиме референдум за неограничен мандат и проширени овластувања на СЈО! Каков ќе биде резултатот, ви покажуваат во континуитет сите анкети, па дури и вашите, каде што поддршката за СЈО, а против вашиот монументален криминал, секогаш ја надминува комотно бројката од 60% од граѓаните!
Тефтер-судството нема да ви помине, затоа што ќе ви направиме референдум за Специјален суд! Можете да замислите, особено за тоа прашање, каков ќе биде резултатот, како ќе гласаат луѓето, кои добро знаат како е да се влечкаш со години по судските лавиринти, а да не ја најдеш правдата.
Ниту насилството и повиците на војна не ви поминуваат! Едвај собирате луѓе со вашите бајати лаги на улиците. Наспроти оние што мораат да бидат со вас, сè е поголем бројот на оние кои со гнев гледаат на вашите лаги, циркуско однесување, одолговлекување на неизбежното и бегање од одговорноста, луѓе кои постојано прашуваат: Како да ве избркаме од нашите животи и џебови и, до кога ќе ве трпиме?
Вака или онака, деновите ви се броени! Сега може да преговарате, но само за услови на капитулација. И да изберете како ќе си одите: дали ќе ја ослободите побргу земјата и нејзините институции од вас, задржувајќи барем грам достоинство, покажувајќи минимум човечност и грижа, за иднината на вашата земја и народ што не ги извадивте од уста, или барем за вашите семејства, роднини, пријатели.
Или, ќе се одлучите да бурбатите до крај. Вашиот крај, се разбира.