Покренувањето на оваа иницијатива и она што навистина претставуваа оваа инцијатива се две различни работи. Мотивите се чисто политички, ограничени во атарот на интересите на политичката партија, односно интересите на оние што се на врвот на таа политичка парија, односно на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Џабир Дерала на дебатата на ЦИВИЛ „Зад димната завеса: Со референдумот или на него“ што се одржа на 7 септември.
„И покрај тоа што се очигледни мотивите – апетитите за доаѓање на власт и затскривање на политичките неуспеси и на политичките превирања внатре во таа политичка партија, се трансформираат во една политичка операција – иницијатива за референдум, со скокотливо, емотивно прашање. Тоа задира длабоко во емоциите на граѓанките и граѓаните и претставува злоупотреба на нивните емоции, претежно на Македонките и Македонците, но и на сите луѓе во оваа земја, бидејќи во изминатиов период ние видовме една воодушевувачка солидарност на сите етнички заедници во земјава. Тука сметам дека е главниот проблем на националистичките кругови во државава, бидејќи тие не сакаат да ја видат земјата во која сите живеат заедно“ – вели Дерала.
Тој резимира дека мотивот е освојување на власта и спас за сегашната гарнитура на партиското раководство, откривајќи притоа дека половината од членството не се согласува со политиките на Мицкоски.
„Мотивот за референдумот е власт и спас на оваа гарнитура на водството на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи помалку познато за јавноста е дека половина од членството на ВМРО-ДПМНЕ, според одредено истражување се противи, односно не се согласува со бојкотирачките и блокирачите политики на Мицкоски и на неговите најблиски соработници“ – открива Дерала.
Дискусијата беше пренесувана во живо на Фејсбук и Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Д. Варошлија
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
ЦЕЛОТО ВИДЕО НА YOUTUBE