-Патот за постигнување на мир е еден и за тоа треба да се седне на маса еден наспроти друг во разговор без ракавици, на рамна основа. И тоа, колку порано, толку подобро! Мирен договор не се постигнува кога го гледаш противникот низ нишанот на оружјето.
-Со секој одминат ден, се подлабоки се раните, се повеќе се разгорува огнот и се разјарува гневот. Доста е! Нема повеќе време за губење! Сега повеќе од кога било се потврдува колку е значајно проширувањето на Европската унија и со земјите од Западен Балкан за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европскиот континент, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери на конференцијата „Украина – година на хероизмот“, на невладината организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.
-Почитувани присутни, да не дозволиме да се претвори сè во пепел, премногу сме вложиле и сме жртвувале, ние, нашите предци, нивните предци. Злото многу брзо може да затропа на сечија врата, затоа што на овој или на оној начин, ефектот се рефлектира на сиот свет, без разлика, порача Џафери на крајот од обраќањето.