„Признаваме дека по денешниот руски ракетен напад во близина на нуклеарната централа во Запорожје сигурноста и безбедноста на централа е од клучна важност“, изјави Бони Денис Џенкинс, американски потсекретар за контрола на оружјето и меѓународна безбедност, јави МИА.
На брифингот за новинарите денеска таа рече дека претставници на Меѓународната агенција за атомска енергија се во Запорожје и прават секакви напори за зачувување на безбедноста на централата.
„Од голема загриженост е кога паѓаат проектили во близина на која и да било нуклеарна централа, и ова веќе се случува подолго време“, рече Џенкинс
Додаде дека САД се загрижени од тоа што се случува околу централата и повикуваат на претпазливост.
„Загрижени сме за персоналот во централата, но и за сите останати. Најдобро би било Русија да запре со она што го прави и да ја повлече војската од Украина“, истакна Џенкинс.
Русија денеска, започнувајќи од раните утрински часови, изврши обемни ракетни удари врз повеќе украинска градови, погодувајќи ја цивилната инфраструктура на земјата.