УТРИНСКИ КОЛУМНИ
По вториот круг на Локалните избори 2021, ги анализираме гласовите во 11 поголеми општини во Македонија, односно оние каде што излегоа да гласаат над 15 илјади избирачи, како и гласовите во уште 10 поголеми општини, каде што градоначалник беше избран во првиот круг.
Квантитативната анализа на резултатите во поголемите општини покажува дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ победија во 12 од 21 поголема општина каде што излегоа над 15 илјади гласачи, прочитајте во анализата на локалните избори на Жарко Трајаноски „Кој победи во најголемите општини на Локалните избори 2021?“
Оние кои мислеа дека со промената на градоначалниците и составот на советите во своите општини ќе се пробудат во градовите со нов начин на метење на улиците, се разбира дека се излажаа – прво за што се зафатија неколку од новите вмровски градски управи (а повеќето градоначалници од новите мандати уште не се ни официјално доделени) е да влезат во контроверзата со употребата на уставното име „Република Северна Македонија“, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Ги гласавте – гледајте!”.
ВАЖНИ НАЈАВИ И АКТИВНОСТИ НА ЦИВИЛ
МОНИТОРИНГ на www.civilmedia.mk за да се информираат навремено за сите активности во кои има простор за нивно учество.
ПРОДУКЦИЈА Тимот на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА ќе имаат голем број средби и интервјуа со кандидатките и кандидатите на локалните избори.
АНГАЖМАН ЦИВИЛ е отворен за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на [email protected].
НАСТАНИ
РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА: Вицепремиерот Димитров учествува на работен состанок за поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“ во Белград на 3 и 4 ноември. Агендата за работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ на која ќе бидат усвоени заклучоци, а потоа ќе биде одржана и прес-конференција.
ТРКАЛЕЗНА МАСА: Вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска ќе се обрати на „Тркалезната маса за финансирање инфраструктурни инвестиции за одржлив локален развој и економско закрепнување“.
Како што соопшти Кабинетот на Битиќи, учеството на вицепремиерот на собирот, што ќе се одржи во хотелот „Хилтон Дабл Три“ со почеток во 10 часот, е на покана Канцеларијата на Развојната програма на Обединетите Нации (УНДП) и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка.
Тркалезната маса ќе започне со воведни обраќања од вицепремиерот Битиќи, шведската амбасадорка во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон и постојаниот претставник на УНДП во Скопје, Армен Григорјан.
СТРАТЕГИЈА: Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем во Република Северна Македонија (2021-2025) денеска ќе биде промовирана заедно со обезбедената медицинска опрема за затворските установи.
Стратегијата и опремата се резултат на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“. Проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија“ се спроведува во соработка со Министерството за правда и Управата за извршување на санкциите.
ПРОМОЦИЈА: Првата македонска национална стриминг платформа „GLEY“ („ГЛЕЈ“) ќе биде промовирана денеска во City Hall. Станува збор за стриминг видео платформа, која нуди атрактивна и внимателно селектирана локална, нова регионална и интернационална филмска и детска програма, комплетно обработена на македонски и на албански јазик.
На промоцијата на „GLEY“ ќе бидат презентирани програмските содржини, идејата на платформата и начинот на кој ќе им биде достапна на граѓаните.
ОТВАРАЊЕ: Офицерскиот Дом во Битола, што скоро една деценија беше затворен и неупотреблив, вечер повторно ги отвора вратите за уметниците и публиката, за гости и туристи, за љубопитни и инспиративни посетители.
За Офицерскиот Дом во Битола пишувале хроничари, аналитичари, историчари, поети и писатели, новинари и фоторепортери, и затоа богата е историографијата на овој репрезентативен објект, палата, непроценливо архитектонско здание, старо повеќе од 1 век.
Темелите на Офицерскиот дом во Битола се поставени во 1909 година, и според тогашниот обичај „Давање Курбан“ од страна на Абдул Керим Паша, ктитор на објектот.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев