Во име на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала зборува за наодите од мониторингот на референдумот во Дојран. Граѓанките и граѓаните на Дојран вчера на референдум се изјаснуваа за две прашања. Едното е за продолжување на изградбата на рудникот Казандол, а второто, за отворање на рудници на територијата на Општина Дојран.
„Големо признание на моите колешки и колеги од ЦИВИЛ кои про боно работат трет, односно четврти референдум, набљудуваат референдумски процеси и мислам дека навистина добро ја завршија својата работа. Им честитам на граѓанките и граѓаните на Дојран и на организаторите, а се разбира, и на Општинската изборна комисија за добро завршената работа. Ние како организација, нашите известувачи и набљудувачи, граѓанските новинарки и новинари, а се разбира, и граѓанките и граѓаните во целост, имаат свои забелешки за целиот процес, и во Дојран, како и претходно во Гевгелија и Богданци, во кои зборуваа за тоа дека одредени политички, или би рекол, и финансиски струи, повеќе или помалку се обидуваат да влијаат на процесот, односно да го одбранат правото на Казандол и на другите рудници да бидат изградени и да работат. Очигледно, јавноста во претходните случаи мислеше поинаку“, изјави Дерала.
Тој најави дека ЦИВИЛ и понатаму ќе продолжи да ги следи најавените референдуми низ Македонија, како преку своите мониторинг тимови, така и преку медиумската продукција.
„Во текот на наредните референдумски изјаснувања кои се најавуваат во Македонија, ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе биде на лице место, ќе зборува со граѓанките и граѓаните, ќе ги прима нивните информации и се разбира, ќе ги објавува без никаква цензура и без никаква контрола, како и секогаш“, најави Дерала.