Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода, во интервју за inbox7, на тема состојбата на медиумите во Македонија изјави дека медиумите долго време биле во скутот на политичко – финансиските и полициско -криминалните центри на моќ, и дека не можеле да се развијат во одговорни и професионални артикулатори на јавниот интерес.
Како би ја опишале сегашната состојба на медиумите по доаѓањето на новата влада?
Медиумите во Македонија предолго беа во скутот на политичко – финансиските и полициско -криминалните центри на моќ. Тие, едноставно, не можеа да се развијат во одговорни и професионални артикулатори на јавниот интерес, туку удобно се испружија во лулката на клиентелизмот. Голем дел од медиумите во Македонија беа жестоки апологети на режимот на Груевски и беа дел од криминалната спрега. Тие ја бранеа страховладата со отворени повици за линч на сите што размислуваа поинаку, сееше омраза и страв во јавниот дискурс и ги поддржуваше дискриминаторските политики и практики. Кога беше потребно, тие беа главните канали на омразата по етничка и верска основа. Тие, истите, сега се главни поддржувачи и на новата власт. Еднаш провладини, секогаш провладини. Тоа можеби новата власт ќе им го прости, но не сум сигурен дека граѓанките и граѓаните ќе ја заборават валканата и неславна улога што ја играа медиумите со години.
Дали често сте се соочувале со притисоци или закани и од каков вид низ текот на вашата медиумска и новинарска работа?
Да. Најразлични притисоци и секојдневно. „Великите“ новинарски и уреднички пера во медиумите беа најредовни. Го злоупотребуваа медиумскиот простор да се однесуваат како последни гангстери. Заканувачките пораки на мејл, а понекогаш и по телефон беа, исто така, многу чести. Во нив имаше ужасни изрази на омраза и закани по мене лично, но и по моето семејство. Тие беа охрабрени од јавните повици на линч во медиумите и од говорот на омразата со кој се служеа добро познатите ликови во политиката. Мојата позиција ми дозволува увид и во нивната активност на теренот. Во партиските ќелии се говореше за „уништување на гадот“, „платеникот“, „комуњарата“, и што ти не друго, нешто што не сакам да го цитирам, бидејќи е ужасно грдо и под секое ниво. Разбирливо, кога во јавниот дискурс имате толку омраза и отворени повици на линч, се разбира дека во личните пораки, вокабуларот е далеку пожесток, а заканите по животот стануваат вообичаени како утринското кафе. Системот беше крајно груб, исто така. Јас лично и организацијата која ја претставувам сме мета на притисоци, напади, следење и опструкции многу долго време, но сето тоа се интензивира кон крајот на 2010 година.
Вашето искуство за тоа колку граѓаните се заинтересирани да се обратат до медиумите за некаква помош од нив?
Мислам дека граѓанките и граѓаните сè уште немаат доверба во медиумите и во невладините организации или барем не толку колку што имаат потреба некаде да ја споделат својата мака или да ги артикулираат своите потреби и барања. И ги разбирам. Мислам дека и медиумите и невладините организации имаат долг пат пред себе, за да ја заслужат довербата. И медиумската писменост е на ниско ниво. Луѓето сè уште не разбираат доволно дека од огромна важност е давањето јавност на одредено прашање или поединечен случај кој илустрира состојба на системот. Тоа е патот кон промените. Исто така, давањето јавност и разоткривањето на одредени појави или случаи, не смее да се претвори во алатка за пресметка или рекетирање, туку мора да остане општествено одговорна активност. Што се однесува до медиумската платформа што ја развива ЦИВИЛ во последниве години, забележуваме дека сè повеќе луѓе се осмелуваат да ни пристапат во последниве три години. Тоа сведочи дека сме на добар пат и дека сме организација која ужива голема доверба. Секој ден се трудиме да ја оправдаме таа доверба.
Вашата оценка за слободата на медиумите во Македонија?
Медиумите во Република Македонија никогаш не успеаја да се извлечат од клиентелистичките врски со центрите на моќта, што директно влијае на квалитетот, професионалното ниво и етиката во оваа сфера. Почнувајќи од сопственичката структура, завршувајќи со практикувањето на новинарскиот позив, а и легислативата, ништо од тоа не ја гарантира слободата на медиумите.
Како ја оценувате меѓусебната соработка на медиумите во Македонија и колку е таа нужна за нивната слобода?
Соработката и солидарноста се клучни во овој сектор, иако компетитивноста му е иманентна и треба да се негува. Едно со друго не се исклучуваат: стремежот да се биде прв, ексклузивен, квалитетен од една страна и меѓусебната соработка и солидарност, за да се освои што е можно повеќе заеднички простор, да се заслужи што е можно повисока доверба за сите заедно, од друга страна. Треба да се помага конкуренцијата, за да се добие простор за опстанок. За жал, тоа многу малку се разбира. Изгледа како да е полесно да се украде тема, па дури и содржина од конкуренцијата, отколку да се сподели со почитување на некои минимални правила на пристојност и атрибуирање на „позајмените“ содржини. Тоа не е патот кон слободата на медиумите, туку кон нивна деградација и затворање во клиентелистички и интригантски шеми од кои е многу тешко, ако не и невозможно да се излезе.
Интервјуто е преземено од inbox7, онлајн магазин на Центар за истражувачко новинарство СКУП Македонија.
Ангела Петровска за СКУП