Ескалацијата на конфликтот во Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето со енергенси ја принудија Европската Унија и нејзините водечки економии да преземат низа мерки за стабилизација на пазарите, но засега без целосно координиран заеднички пристап.
Европската комисија и земјите членки активираа кризна координација преку енергетските групи за нафта и гас, следејќи ги цените и снабдувањето на дневна основа. Иако цените на гасот и нафтата нагло пораснаа, Брисел засега проценува дека нема непосреден ризик за физичко снабдување, благодарение на стабилните резерви и диверзифицираните извори.
Истовремено, Европската комисија најави мерки за ублажување на ценовниот шок преку зголемување на понудата на емисиони дозволи (ETS) за намалување на цената на струјата, финансиска поддршка за индустријата погодена од високите трошоци, но и избегнување на радикални интервенции како ценовни капи на гасот.
Во меѓувреме, ЕУ веќе ја зголеми својата енергетска сметка за околу 6 милијарди евра од почетокот на конфликтот.
Министрите за економија и финансии на ЕУ дискутираат за користење на стратешките резерви на нафта како алатка за стабилизација на пазарите, но засега без конечна одлука. Меѓу иницијативите што ги преземаат најмоќните економии се издвојуваат оние на Франција и Г7 земјите кои сигнализираат подготвеност за интервенција во снабдувањето со енергенсите. Германија ја поддржува опцијата, но смета дека сѐ уште „не е вистинскиот момент“.
Паралелно, на ниво на Меѓународната агенција за енергија веќе беше договорено координирано ослободување на дел од резервите, иако ефектот е ограничен поради продолжените напади врз инфраструктурата.
На национално ниво, голем дел од земјите членки на ЕУ веќе воведуваат низа даночни олеснувања и субвенции. Поради отсуство на единствен европски пакет, водечките економии воведуваат сопствени национални мерки, како што се намалување на акцизи и даноци на гориво, директни субвенции за домаќинствата и бизнисите, како и одложување или адаптација на некои регулаторни обврски што во овој момент би го оптовариле стопанството.
Овие мерки доаѓаат како одговор на наглиот раст на цените – во некои земји горивото веќе надминува 2 евра по литар, со зголемувања до 30%.
Исто така, ЕУ ја користи кризата за да ја зајакне стратегијата започната по руската инвазија врз Украина преку диверзификација на снабдувањето (САД, Норвешка и други земји), воведува мерки за намалување на потрошувачката и забрзување на стратегиите за користење на обновливи извори на енергија.
Аналитичарите констатираат дека ЕУ е подобро подготвена отколку во 2022, но и понатаму останува изложена на глобални ценовни шокови.
Покрај економските мерки, ЕУ води активна дипломатија за стабилизација на ситуацијата, со фокус на Ормускиот теснец, бидејќи неговото целосно затворање може да предизвика енергетска, прехранбена и индустриска криза на глобално ниво.
Џ. Дерала, Д. Мишев












































