УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Доколку, макар за момент, се апстрахираме од политикантскиот фолклор на дневната политика и во Скопје и во Софија и шумот што тој фолклор го предизвикува по социјалните мрежи и во медиумите во двете земји – вклучително и сите малубројни добронамерни гласови кои повикуваат на разум во бугарско-македонските односи – анализата на причините за второто бугарско вето на последниот европски самит не изгледа нелогично. Ако се гледа од бугарска страна.
Имено, за да не навлегуваме во познатиот историјат на спорот во последната година-две (а, уште помалку во последните 100+ години), доволно е да се каже дека, од меѓународна гледна точка, на изненадување и на своите евро-американски партнери, Бугарија посегна по „очајничката мерка“ за примена на вето (тоа, во принцип, е знак за очај), прво „во најава“, а сега и дефинитивно, во блокирањето на македонската (и албанската) европска перспектива, во обид да ги заштити своите „национални интереси“, така како што самите ги дефинираат. Наидоа на општа, па и непријатна осуда и притисок од, за сега, сите свои (а и наши) меѓународни партнери, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „ Времето работи за Бугарија“.
Босна и Херцеговина е во најголемата општествена криза после војната и Дејтонскиот мировен договор. На сите им е јасно дека Дејтонскиот мировен договор донесе мир после страшната војна, но донесе и компликуван систем кој е пречка за побрз развој на државата. Многуте нивоа на разни власти, прегломазната администрација и многуте можности секоја страна да може да блокира било што, подразбира дека огромно мнозинство од одлуките мора да се носат со консензус на сите страни. Една држава, два ентитета, плус дистрикт Брчко, уште 10 кантони во еден од двата ентита, дополнително голем број на општини во целата држава, јасно е дека се премногу нивоа на власти за држава која на последниот попис има само 3,5 милиони граѓани, анализа на Џелал Хоџиќ „БиХ на раскрсница, евроатлански интеграции или нов конфликт“.
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
ПОСЕТА: Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија и заменик амбасадорот Џулијан Васало денеска ќе го посетат Југозападниот плански регион.
– Прва станица ќе биде општина Кичево, со посета на градоначалникот Фатмир Дехари и министерот за здравство Венко Филипче на Општата болница, каде што е обезбеден скенер за компјутерска томографија (
Како што посочуваат, посетата „ЕУ со ТЕБЕ“ на Југозападниот плански регион вклучува први средби на амбасадорот Гир со новоизбраните градоначалници на Кичево и Охрид, Фатмир Дехари и Кирил Пецаков, како и посети на проекти финансирани од ЕУ во двете општини.
ПАНЕЛ: Фондацијата „Конрад Аденауер“ денеска ќе го организира хибридниот настан „Катедра Аденауер 2021: Оценување на поглавјата 23 и 24 – Напредок без почеток на преговорите со ЕУ?”.
Настанот се организира во соработка со Центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“ од Брисел, Институтот за општествени истражувања МК91 од Скопје и Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип
„Катедра Аденауер“ претставува научно-образовна платформа на која студенти, експерти и претставници на академската заедница дискутираат и ги споделуваат своите гледишта околу актуелни теми кои се однесуваат на ЕУ и на идното проширување на Унијата.
ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА: Стопанската комора на Северна Македонија, Министерството за финансии и Царинската управа денеска ќе одржат заедничка прес-конференција на тема „Закон за изменување на Законот за царинска тарифа и Договорот за соработка меѓу СКСМ и Царинската управа за едукација на економските оператори во доменот на царинското работење“.
На прес-конференцијата најавено е присуството на Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Фатмир Бесими, министер за финансии, Славица Кутиров, директорка на Царинската управа и Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија.
САЕМ: Во просториите на Ист Гејт Мол во Скопје денеска е отворен Саем на туризам, каде ќе се презентираат дваесет хотелиери од Турција.Како што е најавено, посетителите на саемот ќе имаат можност да го резервираат својот летен одмор и туристичко патување по специјални попусти кои ќе бидат достапни директно на саемот, така што за нив се предвидени и подароци, но исто така се потенцијални добитници на подарок летување во Турција или Грција.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев