Европската комисија денеска предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија. Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на државата во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја финансиската одржливост и структурните реформи. Оваа помош е наменета и за успешно справување со предизвиците со кои се соочува цела Европа, но и за успешно спроведување на политиките и реформите со кои ќе се забрза интеграцијата на земјата, преку Меморандумот за разбирање меѓу Европската Унија и Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.
Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме до 100 милиони евра макрофинансиска помош за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Со цел успешно справување со економската и енергетска криза, Северна Македонија веќе доби помош од 80 милиони евра, кои се наменети за директна буџетска поддршка за оваа година, се наведува во соопштението.