ВЕСТ НА ДЕНОТ
Фондацијата на Сорос мета на дезинформации за случајот со кампот на Првиот скопски извиднички одред
МВР и Јавното обвинителството ќе истражуваат што се случило минатиот викенд во извидничкиот камп организиран од Првиот скопски извиднички одред. Случајот го обелодени „Слободен печат“, со сведоштва на родители чии деца биле дел од кампот, кои тврдат дека од нив се барало да глумат секс пози, да симулираат секс, да се соблекуваат. Но, случајот во јавноста се злоупотребува и за пласирање дезинформации и за оцрнување и на други субјекти.
Одредени медиуми, но и профили на социјалните мрежи, објавија дека Град Скопје и СОРОС го финансирале извидничкиот одред што организирал сексуални активности на кампот со средношколци насловен „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Борбата против организираниот криминал, вклучувајќи го перењето пари како еден од најсофистицираните облици е од врвен приоритет на Владата и надлежните органи. Република Северна Македонија го гради системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам преку имплементирањето на меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам и презема голем број иницијативи за нивно што побрзо и поефикасно имплементирање. Како позначајни активности коишто се спроведени и кои во моментот се спроведуваат се активностите за проценка на ризиците поврзани со виртуелните средства попознати во јавноста како криптовалути и анализите за пристапот кон нивната регулација како и Извештајот за проценка на ризикот од финансирање тероризам преку непрофитните организации во кој широкоинклузивен процес учествуваа огромен број претставници од самиот сектор“, изјави заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на отворањето на дводневната Регионална конференција на тема „Организиран криминал, перење пари и финансирање тероризам“.
ИЗБОРЕН РАПОРТ #5
Во петтото издание на Изборен рапорт на ЦИВИЛ – говор на омраза, добро организирана црна пропаганда, политичка злоупотреба на деца, партиски активности. Денешниот „Изборен рапорт“ можете да го проследите на следниот линк:
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИСТРАГА Извештајот од Оддел за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР од извршениот увид на местото на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово денеска е пристигнат во Основното јавно обвинителство Тетово.
ПРАВДА Судењето за случајот ,,Плацови на Водно” денеска продолжи со изведување на материјални докази од страна на Обвинителството. При презентацијата обвинителката Лиле Стефанова изведе разни докази од наредби за претрес одобрени од Кривичниот суд Скопје и записници од привремени одземени предмети.
УЧЕНИЦИ СО КОВИД-19 Бројките на новозаразени со коронавирус во училиштата се движат од 0,01 до 0,03 дневно, а активни случаи се 0,26 проценти од вкупно 240 илјади ученици во основното и средното образование кои наставата секојдневно ја посетуваат со физичко присуство, соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
КОВИД АНАЛИЗА 77% од новите случаи и 79% од хоспитализираните со Ковид 19 се невакцинирани.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ
Притисоци и злоупотреба на службена положба од раководител на образовна установа кој преку СМС пораки ги повикувал вработените на „задолжително присуство“ на партиски митинг. Продолжува црната и навредливата кампања. Децата се почесто на партиските собири седат до или во скутот на политичките лидери и кандидатите за градоначалници.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Кога се случуваат сериозни процеси и настани, тоа што на малкумина им текнува е дека и општеството има граници на издржливост. Притисокот и ударите од неуморните пропагандни машинерии, беспоштедната и бескрупулозната борба за моќ, за пари, за влијание до последниот квадратен сантиметар во сите области – го трошат општеството. Во еден миг, општеството ќе застане, ќе замре.“, пишува Џабир Дерала во денешниот едиторијал со наслов „Кога седиштата ќе останат празни“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Досегашните официјално соопштени пописни податоци – попишани се нешто над два милиони граѓани и околу 560.000 домаќинства – не навестуваат спектакуларни промени во бројчаната „состојба на нацијата“ (за потсетување, пописот на населението во 2002 година констатираше 2.022.547 лица), иако обработката на податоците ќе покаже колкумина се тука, а колку наши државјани живеат надвор од земјата. Нивниот етнички состав им е во центарот на интересот на политички нервозната јавност, но променетата динамика сериозните статистичари многу повеќе ја очекуваат во структурата на начинот на живот во земјава (урбано-рурална, земјоделие, образование итн.), отколку драматични промени во тоа кој каков јазик зборува или на кој бог му се моли (или воопшто не практикува верска активност).“, Сашо Орданоски во колумната „Пописот заврши – преживеавме!“.
Д. Тахири