Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) денеска го отфрли предлогот на Европската унија за формирање специјален трибунал со поддршка на ОН за кривично гонење на злосторствата извршени во Украина, велејќи дека МКС е способен ефикасно да се справи со овој предизвик.
Главниот обвинител на МКС, поранешен адвокат од Велика Британија, Карим Кан, го отфрли планот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за формирање специјален суд за „кривично гонење на сторителите на злосторствата за време на руската инвазија на Украина“.
Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг покрена истрага, но не може да процесуираи кривично дело агресија или чин на инвазија на друга земја, бидејќи Руската Федерација не е потписник на Римскиот статут, договорот што го создаде судот.
Во својот предлог, Фон дер Лајен посочи дека е неопходно да се формира нов суд за да се избегнат прашањата за имунитетот, бидејќи шефовите на држави, како што е рускиот претседател Владимир Путин, генерално се сметаат за имуни од кривично гонење додека се на функција.
ЕУ погрешно ги толкува прописите, им рече Кан на новинарите, бранејќи ја способноста на неговата институција кривично да ги гони високите политички фигури, пренесува АП.
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ ќе продолжи да соработува со меѓународните партнери за да добие „најширока можна меѓународна поддршка“ за формирање на Трибуналот, но нагласи дека ќе продолжи да го поддржува МКС.
Кан призна дека МКС не може да го гони Путин за злосторство агресија, но на други високи функционери може да им се суди за воени злосторства или геноцид.
Треба да избегнеме фрагментација и наместо тоа да работиме на консолидација, изјави Кан, обраќајќи им се на членовите на меѓународното надзорно тело на МКС.
Откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на Украина на 24 февруари, руските вооружени сили се обвинети за различни злосторства, од убиствата во Буча, предградие на Кијив, до смртоносни напади, вклучително и воздушниот напад на 16 март врз театар во Мариупољ, каде загинаа 600 луѓе.