Најголем дел од граѓан(к)ите (56,5%) се против нови предвремени парламентарни избори и сметаат дека новите избори не се решение за политичката криза во земјата. Ваквото мислење се менува зависно од тоа на која партија припаѓаат и ја поддржуваат граѓан(к)ите. 81% од поддржувачите на СДСМ се против нови избори, а во редовите на ДУИ овој процент изнесува 71,9. Само мнозинството поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ сакаат нови избори (70,5% – за и 26% – против). Ова го покажаа последната телефонска анкета која за потребите на ТВ Телма и МЦМС, агенцијата М-Проспект ја спроведе во периодот од 4 до 10 февруари, на примерок од 1.000 испитаници.
На прашањето за кого испитаниците би гласале доколку утре има избори, истражувањето покажува изедначен резултат помеѓу двете најголеми партии ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 23,3%, а за СДСМ 23%. Промена во поддршката има и кај партиите на Албанците. Кога сега би се одржале избори Беса би била изедначена со ДУИ. За ова прашање висок е и процентот на неопределени (33,3%).
Водечка партија во албанскиот политички блок станува СДСМ. Според анкетата, доколку утре има избори, најголем дел или 20,4 отсто би гласале за СДСМ, што е повеќе од било која друга партија од албанскиот блок. За ДУИ би гласале 14%, за Беса – 15%, за ДПА – 10% и за Алијансата – 6% од албанските гласачи. Македонците предност и даваат на ВМРО-ДПМНЕ, или 30,6 отсто, наспроти 23,8 за СДСМ.
Оваа анкета покажува и дека поддршката за работата на Специјалното јавно обвинителство сé уште е висока, односно 62,8% од граѓан(к)ите се за продолжување на мандатот на СЈО.