Дел од тимот на ЦИВИЛ оствари средба со градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, на која се разговараше за меѓуетничките односи, соживотот, толеранцијата, европските перспективи… По средбата, градоначалникот Илијев даде интервју за ЦИВИЛ Медиа за последните случувања во населбата Трајаново Трло.
Тој вели дека го осудува секое насилство, разбојништо, несогласување и непочитување на законите и додава дека случајот со тепаното дете во кочанско „Трајаново трло“ (на 11 април) е изолиран случај и не е поврзан со протестот каде што група граѓани на 8 април протестираа да престанат кражбите и нападите во нивните домови. Но, тие протестираа и да не се изгради нова населба до нивната каде би требало да бидат сместени лицата кои нелегално живеат во Старата касарна во Кочани.
„Во тоа маало граѓаните постојано се жалат дека има кражби. Поради тоа во Трајаново Трло самите жители се самоорганизираа да се штитат од провали и кражби. Јас остварив средба со дел од иницијативниот одбор и началникот на полиција во Кочани за да изнајдеме решение како да се стави крај на кражбите, како и да се спречи загадувањето на воздухот и да не се создаваат депонии“, вели тој.
Градоначалникот на Кочани вели дека веќе е одобрен проект за изградба на типски куќи за 28 семејства кои се социјално загрозени.
„На 8 април на Меѓународниот ден на Ромите сакавме да поставиме камен темелник за отпочнување на изградба на типски куќи каде е планирано да се сместат сите 24 семејства кои живеат во Старата касарна во Кочани и уште неколку други семејства кои се социјално загрозени, без разлика на нивната етничка припадност. Меѓутоа, на 7 април добивме писмо од непознати нарачатели преку кое бевме известени дека локалните жители на Трајаново Трло нема да дозволат да се изгради до нив нова населба. На 8 април жителите на Трајаново трло организираа мирен протест, но на протестот беше истакнат и транспарент „Само преку нас мртви“ кое јас го осудувам и тоа не треба да ја отсликува сликата за соживотот во Кочани“.


„Противењето да се градат планираните објекти за социјалните семејства коишто живеат во супстандардни услови во Старата касарана во Кочани, доаѓа откако е завршена целата урбанистичка постапка, обезбедени се финансиски средства и е избран изведувач на работите. Но, јас нема да делувам спротивно на барањата на граѓаните, ќе се обидам преку дијалог и разговор да најдам решение од кој ќе бидат задоволни сите“, вели Илијев.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев во претходен разговор за ЦИВИЛ Медиа истакна дека по протестот на жителите на Трајаново Трло против изградбата на станбените објекти за домување на семејства во социјален ризик, на 9 април, по петочната молитва (џума) Ромите сакаа да протестираат пред општината, меѓутоа протестот се откажа по неговата средба со дел од граѓаните од ромска припадност на која ги слушна нивните ставови и видувања за ова прашање.


Тој упати апел до сите граѓан(к)и да живеат сложно како и досега, да нема енички тензии, несогласувања и поделби, додаде, дека за секој проблем решение мора да има преку конструктивен дијалог и разговор.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа и фотографија: Ариан Мехмети











































