Градоначалникот на Општина Берово, Драги Наџински се сомничи за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, затоа што според МВР, 32 пати го користел службеното возило за приватни цели. Злоупотребата Наџински ја правел континуирано, според полицијата, од јули 2015 до јули 2017 година.
„Пријавениот го користел службеното патничко возило, сопственост на Општина Берово, без да обезбеди Решение за службено патување во странство од надлежен орган од Општината, како и без патни налози и без покани за службено патување во странство. Д.Н., вкупно во 32 наврати за свои лични потреби и за потребите на други физички лица, кои ги превезувал, го користел службеното возило, со што причинил штета на Општина Берово која дополнително ќе биде утврдена“; соопшти МВР.
Кривичната пријава до беровското Основно јавно обвинителство, ја поднесе надворешната Канцеларија за криминалистички работи – Берово во содејство со Одделот за економски криминал при Секторот за внатрешни работи.
Д.Н. не се кандидира за нов мандат.