Тимот на ЦИВИЛ оствари средба со градоначалникот Љупчо Папазов, со претставниците на локалната самоуправа и граѓанските организации во Кочани. На средбата на тема „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“ која се одржа во просториите на општината, учествуваа претставнички и претставници на граѓанските здруженија, медиумите, локалните институции, бизнис секторот, верските заедници, политичките партии и подмладоци и заинтересирани граѓанки и граѓани. Настанот претставува извонредна можност ставовите, искуствата и препораките за оваа важна тема, од локално ниво да се пренесат на национално ниво.
Модераторка на настанот беше Дијана Тахири од ЦИВИЛ, а на почетокот зборуваше градоначалникот Папазов. По воведните излагања, беше отворена дискусија на која учесниците зборуваа за предизвиците, но и за решенијата што ги предлагаат.
Настанот е дел од активностите од проектот „Заедно за подобра иднина“, кој ЦИВИЛ го спроведува во соработка со министерството за надворешни работи и Европски прашања, на Големото војводство Луксембург.
„Граѓански дијалози за меѓуетничките односи: Предизвици и решенија“ во општина Кочани е дел од серијата јавни настани кои ЦИВИЛ во претходниот период ги одржа во општините Гостивар, Куманово, Чаир и Центар.