„Нападите и црната пропаганда против граѓанското општество во нашата земја имаат долга историја. Невозможно е да се набројат сите примери и начините на кои организациите на граѓанското општество, експертите, активистите за човекови права, интелектуалците, уметниците и новинарите беа и останаа една од главните мети на црната пропаганда. Најдиректна форма на пресметка со прогресивниот дел од општеството и граѓанските организации, придружена со црна пропаганда креирана, поттикната и спонзорирана од самата држава, се спроведуваше во времето на режимот на Груевски“, истакна Џабир Дерала, на почетокот на дебатата на ЦИВИЛ: „Црната пропаганда против граѓанското општество“.
Тој додава дека во тоа време финансиската полиција, режимските медиуми, судовите, полицијата, политичките партии, трол фабриките, хулиганските групи, па дури и Државната комисија за заштита од дискриминација, своевремено беа најистурените играчи во државната кампања против граѓанското општество.
„Македонското општество се ослободи од режимот, но дел од режимските инсталации останаа. Највидлива е токму црната кампања која со различен интензитет се спроведува против граѓанското општество и тоа токму во периоди кога се одвиваат клучни настани и процеси во земјата, како што беше Референдумот, Преспанскиот договор, но и за време на изборните процеси“, потенцира Дерала.
Учесници на дебатата на ЦИВИЛ беа Павле Богоевски, Прогрес институт, Иван Блажевиќ и Марина Шкрабало од Солидарна, Хрватска, Кочо Андоновски, ЛГБТИ Центар, при Хелсиншки комитет, Милан Спировски од ЗНМ и Горан Ризаов од Метаморфозис.
Павле Богоевски на дебатата на ЦИВИЛ, истакна дека невладините организации се омилена мета бидејќи тие се влакното во автократскиот сендвич, нивната положба, дејствувањето како рафиниран глас на групата која ја претставуаваат, и вадењето на тој глас од маргините, ги прави мета.
„Причината не е само дека на автократските лидери не им се допаѓаат овие организации, туку и судир на либералните демократи и западната демократија. Спротивниот систем не функционира. Начинот на кој либералните демократи сакаат да покажат дека западно демократските движења се неефикасни и дека слободата е недостижна и да прифатат автократски лидер наместо да се прифати западна демократија.
Западната демократија во својата срж го прифаќа компромисот, конфликтот. Нелибералната демократија вели, „јас знам како, ќе ме слушаш мене…“
Со воведувањето на новите алатки за дигитална масовна комуникација, се пореметуваат природните циклични промени помеѓу конзервативните (десничарски) и прогресивните (левичарски) гласови и политички чинители. Конзервативните гласови не сакаат да прифатат дека после одредено време треба да ја отстапат сцената на прогресивните гласови. Тие веруваат дека единствно нивиот глас е легитимен и работат на активно подривање на секој што размислува поинаку од нив“, вели Богоевски.
„Од една страна мојот впечаток е дека сите станавме свесни дека не можеме да се залажуваме дека дезинформациските кампањи кои се стратешки, тактички, политички и економски мотивирани кампањи кои играат со „ниски удари“, кои изразито ги искористуваат лошата регулација и уште полошиот мониторинг на просторот од медиумите, каде сите институции каскаат позади дигитализацијата на која сме сега изразито изложени“, вели Марина Шкрабало од „Солидарна“, Република Хрватска.
Таа истакна дека оваа валкана игра ќе остане, и додава дека на нас е подобро да се припремиме и заштитиме и притоа да бидеме реални со кој капацитет располагаат независните новинари, активистите и прогресивните граѓаните кои се мета на црната пропаганда.
„Главната мета не се новинарите, туку демократијата и концептот на демократијата. Тие сакаат да го отсечат концептот на демокртатијата кој се темели на човековите права и на концептот на различностите, а не на хомогеноста“, потенцира Шкрабало.
Кочо Андоновски од ЛГБТИ центарот при Хелсиншкиот комитет на дебатата на ЦИВИЛ истанка дека црната пропаганда почна стихијно во 70тите во САД, со Никсон, кога десничарите сфаќаат дека пропагандата можат да ја користат во своја полза.
„Тоа добива страшен размер со доаѓањето на Путин. Со доаѓањето на Путин и почнувањето на оваа дезинформациска војна, тие го преземаа нашиот начин на организирање и комуницирање. Го преземале граѓанскиот модел, на граѓанското општество, кој е развиен од невладините граѓански движења. Веќе е изградена мрежа, и затоа може да се видат истите наративи од Јута, во Велес.
Тие луѓе се реакционери, не сакаат прогрес, затоа што не сакаат одредени групи, не сакаат да постигнат еднаквост. Целото ова има линија на движење која се храни на многу специфичен начин. Ова е хранење на едно фашистичко чудовиште кое почна многу конкретно со глобалниот напад на Сорос кој во основата е антисемитизам. Една од основите на овие реакционери е антисемитизимот. Продолжија со заговор и закана. ЛГБТИ движењето кое се претставуваше на екстремно монструозни начини, кое доведува до дехуманизација на цела група луѓе, не само на активисти, што доведува да може центарот да е напаѓан. Шест пати беше нападнат. Таа група не е веќе човечка. Можам да дојдам и да го нападнам дека не е веќе човек. Антисемитизам, дехуманизација на цели групи на луѓе, правење на непријатели на народот од тие групи, плашење на народот“, вели Андоновски.
Горан Ризаов од Метаморфозис, на дебатата на ЦИВИЛ истакна дека тоа што многу загрижува е што од минатата година Метаморфозис стана цел на организиран напад на социјалните мрежи, кој се состои од објава на слики во форма на некролози и повици на насилство. Тоа трае веќе седум месеци, а од Јавно обвинителство нема никаква реакција, а кампањата продолжи и уште трае.
„Не сите луѓе на фотографиите се новинари, кои не се навикнати така да бидат ставени во јавноста и обвинувани. Реакција уште нема, се надевам дека тие повици на говор на омраза нема да станат реалност и дека институциите ќе реагираат пред тоа да се случи. Најголемата причина поради која ги добиваме овие закани е нашата соработка со Фејсбук, односно проверката на факти. Зошто? Бидејќи влијае врз нивниот опсег на ширење на дезинформации. Тоа е осмислен напад, каде покрај новинарите се ставени и другите луѓе само за да се влијае врз нивната работа. Тоа нè окуражува уште посилно да работиме и да ги разобличуваме овие дезинформациски наративи. Иако, имам чувство дека сме оставени сами на себе, немаме поддршка од институциите, од јавното обвинителство“, посочи Ризаов.
Милан Спировски од Здружението на новинари на Македонија нагласи дека кај нас притисокот кон новинарите кои се занимаваат со истражувачко новинарство, е намален во однос на периодот пред 2016 година.
„Сакам да напоменам дека притисокот кон непрофитните медиуми кои се занимаваат со истражувачко новинарство, е намален во споредба со периодот од 2016 година кога новинарите и уредниците од овие медиуми во јавноста беа често дискредитирани на лична основа и кон нив се користеше говор на омраза поради критичките текстови кон тогашните власти и локалните моќници. Сепак и понатаму има многу примери на закани кон новинари и активисти од граѓанскиот сектор на социјалните мрежи, за дел од нив поднесени се пријави до МВР, но досега во ниеден случај нема судска завршница.
Кај нас во изминатиов период ако се спореди со периодот од пред пет години, е подобрена во однос на црните пропаганди кон граѓанските организации, но сепак бележиме вулгарни напади од претставници на парламентот и од поголемите политички партии кон новинари или група на новинари.
Добро е што во денешно време има осуди од јавни личности на овие појави, но сепак за групите навреди на правата недостасуваат правни механизми за заштите и проактивност на институциите и пред сè на Основното јавно обвинитество“, потенцира Спировски.
Иван Блажевиќ од Зелено-левата коалиција Солидарна од Република Хрватска која извојува победа на локалните избори во Загреб и Томашевиќ стана градоначалник, говореше за црната пропаганда која десничарскиот кандидат Шкоро ја водел против Томашевиќ.
„Што се однесува на предизборната кампања, посебно на вториот круг, Мирослав Шкоро користеше во таа кампања веќе видени методи, особено во Србија, Унгарија, Полска која всушност е хаб за тие десничарски движења, кои првенствено се базирани на верски фундаментализам и екстремизам“, рече Блажевиќ.
Д.М.