Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, при посетата на Сојузна Република Германија, имаше среба со германскиот сојузен министер за надворешни работи, Зигмар Габриел. На средбата, министерот Димитров ја реафирмираше силната политичка волја за враќање на европскиот курс на земјата.
“Не сакаме лажни реформи, сакаме систем на спреги и кочници. Сакаме европска Македонија, владеење на правото и систем на заслуги. Така ќе ги поттикнеме нашите млади да останат. Берлин го напушаме силно охрабрени, со пораки на јасна поддршка за предизвиците што нè очекуваат на овој пат“, изјави Димитров.
Министерот Габриел ја реафирмираше германската поддршка во исполнување на стратешките приоритети на нашата земја, потенцирајќи дека Германија ќе продолжи силно да ги охрабрува македонските заложби за интегрирање во ЕУ и НАТО. Ги поздрави нашите иницијативи посветени на водењето политика на добрососедство, констатирајќи дека досегашните активности се недвосмислена потврда на нашата определба за практикување европска политика во регионот.
Покрај средбата со министерот Габриел, Димитров реализираше средба и со советникот за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Меркел, д-р Кристоф Хојзген, со високиот претставник и член на Управниот одбор на Фондацијата „Фридрих Еберт“, д-р Ролф Мицених и со генералниот секретар на Фондацијата „Конрад Аденауер“, д-р Герхард Валерс.