Полицијата сè уште трага за двајцата вработени во МВР, Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“ на Специјалното јавно обвинителство.
Во медиумите се појави информација дека Грујовски е во бегство под друг идентитет. Прашан од новинарите, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изјави дека МВР работи на пронаоѓање на обвинетите, но дека поради истражната постапка не може да соопшти повеќе информации. На новинарско прашање за двојниот идентитет, Спасовски одговри дека не е запознаен, а што се однесува до самиот случај, МВР помага, додека СЈО истражува.
Од 18 јули, кога Апелациониот суд им изрече мерка притвор, Бошковски и Грујовски се недостапни за органите на прогонот. Двајцата се обвинети за уништување на опремата што служела за прислушување.