Вести на МРТ во 13 часот. Првите десет минути посветени на наводните протести (планирани од опозицијата, нели), без адекватен соговорник, се оние што го исполнуваат екранот. Оние вести од Градска болница „8 септември“ имаа за заднина повеќе пациенти, чинам, кои се чудеа што ги „сликаат“ луѓево. Повеќе информации во попладневните вести, вели репортерката?! Ете, не испадна како што било планирано. Имаше три – четворица пред камерите само кај протестот на некои луѓе од т.н. Независен синдикат на управата на кои платата „три дена им касне“ и кои секогаш се вклопуваат во партискиот хор на ВМРО-ДПМНЕ. Посебно со присуството на синдикалниот „квиско“, Марјан Ристески, кој од претставник на еден од четирите синдикати на МЖ (малцински, инаку, да се разбереме), стана користен секаде каде партијата треба да анимира штрајкувачка атмосфера.
Е, во 13 и 11 минути на МТВ се појави веста со која требаше вестите да се почнат – пречекот на нашите херои од битката за преживеаните во Турција. Од аспект на уредништвото на националниот радиодифузер би рекле „кај најдоа да се постројат денес“. Веста беше во минималистички стил – неколку секунди за турскиот амбасадор кој ги поздрави, неколку секунди за министерката за одбрана и исто толку за претседателот на државата.
Во вестите од 15 часот на МТВ веста за нашите војници беше емитувана во 15.15 часот, како премин од внатрешно политичките вести кон оние надворешните! Па да, се разбира, војниците нѐ поврзуваат со светот, па нека одат таму, во тој сегмент, пишува Љубомир Костовски во најновата анализа – Паралелни светови: Нашите вистински херои наспроти штрајкувачите и партиските палјачовци.